Сите знаеме за графен, физичка структура од јаглеродни атоми дебела само еден атом која покажува скоро неверојатни карактеристики – 200 пати е поцврста од железото гледано по маса, и лесно спроведува топлина и електрицитет. Потрагата по вакви материјали кои имаат неверојатни способности, а природно не се појавуваат, продолжува.
Запознајте се со станен, материјал налик графенот, но направен од калај (Sn). Калајот го знаеме како метал кој се употребува за лемење и обложување на други метали против `рѓосување. Тој лесно се топи и порано бил употребуван со други метали за создавање на брошеви и друг накит. Во 2013 година еден научник ја даде претпоставката дека материјал направен од калај, а налик графенот, би имал одлични способности за спроведување на електрони.
Сега една екипа на кинески научници тврдат дека го создале станенот. Процесот на создавање бил со испарување на калај во вакуумска комора. Калајот ја формирал својата карактеристична станенска структура врз материјал од бизмут телерид. Се` уште не се направени тестови врз станенот, па затоа тврдењето на научниците може да се земе како претпоставка која се базира врз скенирање со електронски микроскоп.
Инаку, за станенот се претпоставува дека ќе биде суперспроводник кој нема да се загрева кога електрони ќе поминуваат низ, или поточно, околу него. Неговата решетка оневозможува електроните да патуваат по средината на решетката поради ефектот на квантен спин, туку тие мора да се движат по работ. Поради ова тој ќе се смета за тополошки изолатор. Ваквата структура пак овозможува екстремно лесно префрлање на електроните од еден атом на друг на самиот раб на решетката, правејќи го суперспроводник.
Работата на графенот не застанува, но наскоро изгледа ќе имаме уште еден одличен материјал кој ќе може да го користиме каде што се бара енергетска и електрична ефикасност, како на пример, пренесување електричен сигнал на големи далечини, или спроводници кои не се загреваат поради тоа што нема отпор.
Извор: Phys.org, Nature, IFLScience