1431224728146653990

Гласното вриштење на музиката од локалното кафуле кое баш тогаш мораше да го појача турбофолкот ве иритира и мотивира на несакани активности (против сопственикот)? Автобусите и колите кои не престануваат да свират низ македонските градови исто така? Без грижа, наскоро ќе следи спас.

Имено, еден тим на научници од Хонгконшкиот Универзитет за наука и технологија создадоа звукопоништувачки систем кој елиминира дури (до) 99,7% од звукот кој поминува низ него. Тоа, за сите практични причини, е еднакво на немање воопшто звук на другата страна.

Се работи за два слоја на компоненти кои вибрираат само на одредени фреквенции. Тие се наместени да вибрираат обратно од звукот кој влегува во уредот за да го поништат (т.н. фазно поништување). Сепак, дури и најдобрите вакви компоненти работат најдобро на одредено ниво на гласност, а тивките звуци не ги поништуваат баш најдобро. Затоа е вториот слој, кој се осигурува дека и овие тивки звуци кои се непоништени од првиот ќе бидат „заробени“ и нема да стигнат до слушателот.

Ваквиот систем е надградба врз претходниот на истиот тим кој се базираше на две паралелни површини: прва која е мека и апсорбирачка и втора која е рефлективна, одделени со тенок слој воздух. Тие звуци кои не се апсорбирани од првата се одбиваат од втората и ги поништуваат другите кои доаѓаат по нив.

Како и да е, тоа што лаиците во оваа област треба да ги интересира е дека поништувањето е до 99,7%, што е доволно за сите практични употреби. Секако, и за зачувување на нервите во судир на различните културни вредности кои ги имате со сопственикот на кафулето во вашата зграда.

Извор: Gizmodo, Engadget, Vice

Претходна статијаMars Express сними прекрасна панорамска фотографија од Марс
Следна статијаQualcomm ги претстави Snapdragon 617 и 430 мобилните чипови