Универзумот е составен од секакви интересни објекти кои испуштаат зрачење. Постојат регуларните ѕвезди, квазарите, пулсарите, џуџиња и други типови на загреани објекти кои ги горат своите залихи на гориво (водород и/или хелиум), а во тоа гориво ослободуваат фотони, рентгенско и други типови на зрачења кои ние можеме да ги измериме, па и да ги видиме со голо око (кога се работи за ѕвездите, на пример).
Научниците преку Планк телескопот (крстен по германскиот научник Макс Планк, еден од создавачите на квантната теорија) веќе некое време го снимаат позадинското космичко микробраново зрачење кое е испуштено во времето од Големата експлозија, па до денеска од разните космички објекти. Според тоа како изгледа ова зрачење и како е модулирано, космолозите можат да дадат толкување на тоа што се случило во вселената милиони и милијарди години во минатото.
Според нив, првите ѕвезди настанале околу сто милиони години подоцна од што се веруваше. Првите ѕвезди го прекинале периодот на таканаречен „Темен век“ на Универзумот, кога не постоеле ѕвезди, а ниту светлина. Универзумот бил полн со прашина од водородни атоми која била постепено исчистена од ѕвездите преку процесот на рејонизација. Во овој процес, силните фотони кои биле испукувани од ѕвездите ги распаѓале водородните атоми на нивните составни делови (јони) – електрони и протони.
Претходно се претпоставуваше дека овој процес на рејонизација започнал 450 милиони години по Големата експлозија, но сега според најновата анализа на податоците собрани од 2002 до 2013 година, овој период започнал стотина милиони години подоцна. Сепак, не се знае колку точно траел овој период. Франсоа Буше од Парискиот институт за астрофизика изјави: „Како со секој физички процес тоа зема време. Потоа ќе сакаме да ја дознаеме должината на овој период. Сакаме да можеме да познаеме кога 20% од Универзумот бил рејонизиран, и потоа 30%, па 50% и 100%. Сакаме да имаме целосна историја на рејонизација. Тоа е крајната цел“.
Иако изгледа многу далечно, сепак ваквите истражувања ни откриваат значајни информации за нашата историја и како сме дошле да постоиме тука. Тоа за сите луѓе кои ги интересира космосот е секогаш интересна тема и срдечно ги охрабруваме научниците да продолжат со ваквите интересни истражувања.