Тоа што го читавме и гледавме во научни-фантастички книги, игри и филмови почнува да се остварува. Веројатно повеќето кои ја имаат играно играта Mass Effect ќе се сеќаваат на еден „препарат“ кој можеше да се употреби за лечење во текот на битката, наречен MediGel. Тој претставуваше анестетик и засирувач на крвта, и спречува понатамошно течење на крв низ некоја телесна шуплина.
Интересното е што ваквиот препарат може да се создаде и во вистинскиот живот, што токму го имаат направено научниците. Како што самиот Џо Лендолина изјави во неговата TED презентација, новиот производ кој го нарекуваат VETI-GEL ја има најважната функционалност на MediGel-от, а тоа е запирањето на крварењето. Веруваме дека лесно би се додал и некој анестетик на истиот за да ја има апсолутно истата функција.
VETI-GEL се базира на начин на имитирање на вонклеточната матрица која нормално ја има оваа функција, и која е изградена од комбинација на белковини, шеќери и сложени влакна. Таа е прилично неефикасна при третирање на поголеми рани, и всушност остатоците од рани кои често остануваат на телото се резултат на истата која не успеала „совршено“ да се спои и да го зацели местото.
Препаратот кој го има создадено Лендолина е изграден од полимери кои доаѓаат од растенија, и кога е аплициран на рана тој се распределува налик на вонклеточната матрица врз локалното ткиво – така спречувајќи дополнително крварење. Препаратот изгледа и поприма слична функционалност како ткивата на органот на кој е поставен – ако е ставен на кожа функционира како кожа, ако е ставен на некој друг орган функционира како самиот тој. На видеото кое го пушти Џо Лендолина се гледа како гелот го затвора крварењето на симулација на крвен сад со двојно посилен притисок на една човечка артерија, што е навистина импресивно.
Ваквиот препарат може да се користи на истиот начин како што се користеше и MediGel-от во играта – локално лечење за повреди од куршуми и слично. Војниците на иднината ако бидат повредени можат да се самоизлечат или да имаат специјален костум кој ќе пушта ваков гел локално на потребното место, така спасувајќи многу животи барем до моментот да дојде медицинско лице за третман.
Извор: TED, Medical Daily