Неутрино е честичка која нема електричен полнеж и има супермала маса, помала дури и од другите податомски честички. Досега неутрината експериментално беа докажани дека постојат (најчесто во нуклеарните реактори), откога нивното постоење беше теоретски поставено од страна на Волфганг Паули во 1930 година. Исто така беше дадена предпоставката дека истите настануваат поради насилни космички настани, како супернови, црни дупки, создавање на ѕвезди и слично. За жал досега научниците не беа во можност да го потврдат тоа.
Велиме „досега“ бидејќи научници на Антартикот, кои работат во IceCube Neutrino Observatory, открија траги од неутрина при сортирање на податоците од милијарди честички кои ги имаат бомбардирано нивните сензори од 2010 до 2012 година. Според нив, откриени се 21 ултрависоко-енергетски миони кои се резултат на судирот на неутрината со друг материјал. Кога неутриното се судира со друга честичка, се појавува мион кој остава светлосна трага во правец на движењето на неутриното.
Мионите во овој случај се индикативни за неутрина кои пропатувале низ космосот, но не се знае точно од каде. Сепак, научниците се надеваат дека ќе можат да утврдат од каде доаѓаат баш поради оставањето на траг од страна на мионите. Научниците кои работат на проектот изјавија дека: „Ова е одлична потврда на неодамнешните откритија на IceCube, кои ја отвораат вратата кон нова ера на физиката на честички“.
Извор: Gizmodo, The Guardian