1340288272687528294

Откривањето на нови честички не се случува секој ден. По откривањето на хигсовиот бозон во 2012 година досега немаше значителни откритија, а во меѓувреме Големиот хадронски судрувач (ГХС; LHC – Large Hadron Collider) сопре со работа за да биде сервисиран и надграден.

Со надградбата се овозможи постигнување на уште поголеми количества на енергија за судрување на разни честички и испитување на разни егзотични состојби на физиката. Па така деновиве од Европската организација за нуклеарни истражувања (ЕОНУ; CERN – Organisation européenne pour la recherche nucléaire) објавија дека со помош на ГХС успеале да утврдат постоење на уште една предходно теоретизирана честичка наречена пентакварк.

Се работи за комбинација од 4 кваркови и еден антикварк, и претставува еден од начините на спојување на кваркови во (нов тип на) бариони. Ваквиот пронајдок бил направен преку набљудување на распаѓањето на барион познат како Ламбда б, при што при распаѓањето на трите веќе познати честички (J-psi мезон, протон и наелектризиран каон) се појавиле уште две други честички во транзициона состојба, кои не можат да се објаснат на друг начин освен преку постоењето на пентакварк.

За приликата Томаш Шкварнички изјави: „Земајќи ги придобивките од големиот збир на податоци од ГХС, и одличната прецизност на нашиот детектор, ги испитавме сите можности за овие сигнали, и заклучивме дека тие можат да бидат објаснети единствено преку пентакварк состојби. … Уште попрецизно, состојбите мора да бидат формирани од горе-кваркови, еден доле-кварко, еден магичен-кварк и еден анти-магичен кварк“.

Со ваквиот пронајдок продолжуваат научните истражувања при ЕОНУ, овозможувајќи макар за момент да се ѕирне во срцевината на ѕвездите и Големата експлозија и да се дознае кои биле условите што таму владееле/ат во тие моменти.

Извор: The Verge, Gizmodo

Претходна статијаNew Horizons успешно пролета крај Плутон, праќајќи феноменална фотографија од него
Следна статијаПопуларниот Commodore се враќа – Ќе претстави Android телефон оваа недела