
Генетика и клеточна биологија – прекрасни науки која еден ден ќе ни овозможи суперпродолжување на животот преку пронаоѓање решение за стареењето, зачувување на клетките, или растење нови органи за замена на старите и дотрошени.
Најновото откритие во овие полиња на науката е откритието на нов вид на човечки матични клетки. Новооткриените клетки можат да се претворат во било кој друг тип на клетка од телото, и затоа се наречени плурипотентни матични клетки. Истражувачите се обиделе да ги сместат во тела на глувци, но тие се интегрирале само на посебни и точно-одредени локации во телата на глувците, по што истражувачите ги нарекле „регионално специфични плурипотентни матични клетки“.
Позитивната работа околу овој вид на матични клетки е што можат да се растат во лабораторија место да се вадат постојано од луѓе, што многу ја олеснува работата околу нивното испитување. Истражувачите сакаат да започнат со растење на човечки органи во животни користејќи ги овие клетки (да, добро прочитавте). На пример, тие сакаат да испробаат да израснат човечки црн дроб во свиња со тоа што ќе го модифицираат геномот на свински ембрион, а потоа ќе ги вградат овие клетки на местото на свинскиот црн дроб – што би требало да израсне човечки орган место свински.
Нормално, тука постојат многу етички дилеми околу дали да се прават ваквите експерименти, како и опасноста имунитетниот систем на свињата да го одбие органот. Од друга страна, тоа го отвора патот кон првите рудиментирани органски фарми, при кои луѓето би можеле да си растат органи за замена на нивните кои низ годините се оштетиле или остареле, така одржувајќи си го телото во супер состојба. Тоа е чекор кон бесмртноста, но останува да видиме како ќе биде решено технички и етички во иднина.
Извор: IFLScience, Scientific American