По Google со нивниот нов Willow чип од минатата година, сега и Microsoft излегоа со нов квантен чип кој донесува доста голем пробив во областа. Чипот од Microsoft е наречен Majorana 1 и според најавите тој би требало доста да го забрза развојот на функционални квантни компјутери.
Со Majorana 1, квантните компјутери може да се очекуваат за години, а не за децении како што беше досега, барем според Microsoft, а чипот е направен со целосно нова архитектура која подразбира целосно нова „состојба“ на материјалите.
Материјалот е наречен „топоспроводник“ и истиот треба да овозможи надминување на еден од најголемите проблеми кај квантните чипови, а тоа е издржливоста на „кјубитовите“ кои се доста осетливи на околината за задржување на нивната квантна состојба.
Новиот материјал се истакнува како револуционерен од страна на Microsoft и истиот овозможува агрегатна состојба на материјата која досега била само теоретска. Стандардните состојби на материјата кои се познати се цврста, течна и гасовита.
„Топоспроводникот“ е создаден со комбинација на арсенид, кој е полуспроводник, со алуминиум кој е суперспроводник. Кога се доведуваат до температура блиска до апсолутната нула и прилагодени со магнетни полиња, се формираат „тополошки суперспроводливи наножици“.
Целта била да се поттикнат да постојат нови квантни честички наречени Majorana и да се искористат нивните уникатни својства за да стигнат до следниот хоризонт на квантното пресметување, истакнуваат од Мајкрософт.
Новиот вид на материјал кој го има овозможено новиот Majorana 1 чип Microsoft го објаснува во видеото во продолжение.
Новиот чип се очекува дека ќе може да овозможи создавање и одржување на милиони „кјубитови“, со што ќе се овозможи потребната компјутерска моќ поголема од повеќето суперкомпјутери достапни сега, во мал чип.
Како што е веќе познато, квантните компјутери се очекува да решат сериозни проблеми во повеќе области, проблеми како можноста да се разгради пластиката во мали делови кои не се штетни за околината, зошто материјалите кородираат, како и многу други здравствени и научни проблеми.