Во една студија за лечење на рак на коскената срж и крвта (леукемија) со помош на генетска терапија научниците успеале да добијат повлекување на ракот кај дури 27 од 30 пациенти. Од нив кај 19 не е забележано враќање на ракот од 2 месеци до 2 години, а кај само 7 се вратил по 6 до 9 месеци. Од 19-те пациенти кои немале повраток на ракот, на 15 не им бил потребен дополнителен третман. Интересното е што кај сите пациенти кои учествувале во студијата конвенционалните методи не успеале да им помогнат. Кај некои од нив пред да го испробаат експерименталниот метод ракот им се враќал и до 4 пати.
Во својата основа научните употребиле генетско репрограмирање на Т-ќелиите кои секој од нас ги има и чија функција е борба со разни патогени организми и нефункционални или патогени ќелии од организмот (какви што се таквите на ракот). Овие ќелии се создаваат во градната жлезда (thymus) поради што и го добиле своето име. Тие прво собрале Т-ќелии на пациентот, по што во лабораторијата на Одделот за клиничко производство на ќелии и вакцини при Универзитетот од Пенсилванија направиле генетски трансфер на код кон Т-ќелиите, за да ги насочат да ловат протеин кој се наоѓа на површината на Б-ќелиите, друг вид на крвни клетки кои што се погодени од леукемија. По ова тие ги враќаат изменетите Т-ќелии во крвта на пациентот, каде што почнуваат да ги ловат канцерогените, но и Б-ќелиите и да ги уништуваат.
Причината за ова е дека леукемијата ги опфаќала Б-ќелиите, кои пак служат за создавање на антитела како одбрана на организмот од патогени организми. Изменетите Т-ќелии покрај канцерогените Б-ќелии ги уништиле и здравите, што се покажало на понатамошното испитување на крвта на пациентите. Поради тоа што ваквата постапка го намалува имунитетот на пациентот, тие обично добиваат терапија на замена на нивниот имуноглобулин за да им се поврати нормалната имунолошка функција.
На научниците на почетокот не им се верувало дека им успеал третманот. Како што вели самиот Карл Џун, водачот на тимот и имунотерапевт на универзитетот, „На почетокот не знаевме дали само ни се посреќило со првите пациенти“.
Во продолжение можете да погледнете снимка од Т-ќелија која се бори против рак-заразена ќелија
Ваквата имунотерапија е една „жешка“ област во борбата против разни заболувања како што е ракот, СИДА-та и други типови на агресивни вируси и бактерии. Нашето тело ги има потребните почетни механизми за борба против таквите заболувања и често доволно е да се изменат, помогнат и надополнат за да успее самото да се избори со заболувањата без да мора да се присегнува кон агресивни и уништувачки методи каква што е хемотерапијата. Фармацевтската и другите поврзани индустрии веќе се активирани и вложуваат големи средства во развивање на имунотерапијата како следен голем чекор во уништувањето на болестите кои се уште го мачат човештвото.
Извор: The Verge