Експертите се потврдоглави, односно позатворени за алтернативни гледишта. Искрено, се чекаше ова да се потврди со истражувања кога-тогаш.
Според најновата студија која тек треба да биде издадена во Журналот за експериментална социјална психологија, штом одреден човек се стекне со идејата дека е експерт во некое поле има поголеми шанси да биде „тврдоглав“ т.е. да одбива алтернативни идеи и концепти кои не се поклопуваат со неговиот светоглед и знаење.
Научниците ова го тестирале преку користење на тестови за генерално знаење (со прашања како: кој ја подарил Статуата на слободата на САД: Франција) со две тежини, висока и ниска. Тие кои го поминале лесниот тест им било кажано дека натфрлиле во резултатот и знаењето, тие кои го поминале тешкиот им било речено дека потфрлиле.
Потоа биле испитани на друг тест на кој требале да одговорат со оцени од 1 до 7 на прашања и тврдења како: „Јас сум отворен за туѓите политички светогледи“.
Секако не е за изненадување што тие кои „натфрлиле“ помалку се согласувале со туѓите и алтернативни погледи, а другите повеќе. Практично, тие кои сметале за себе дека се паметни и експерти во некое поле воедно сметале и дека го заслужиле правото на догматизам во размислувањата.
Иако ова ги покажува фаличните човекови интелектуални капацитети и пристрасности, не е се’ така црно. Имено, експертите (оние, вистинските) не за џабе се експерти. По посветување на толкаво време во своето поле имаат поголемо (но не неограничено) право да ценат веродостојност и вистина на искази поврзани со тоа поле.
Eдна интелектуална алатка која јас ја применувам со години, а која ми помогнала за оддржување на вистината во мојата глава и намалување на пристрасноста, е интелектуалната скромност. Со моите 86 милијарди неврони и пресметувачка моќ од 20 милиони милијарди FLOPS-и јас сум супериорна машина во однос на сите други животни на Земјата, но сум патетично бавен и неспособен во споредба со синтетичката интелигенција на Google или некои суперкомпјутери за неколку години од сега.
Земајќи го тоа предвид, а и фактот што и покрај тоа што постоиме милион години како вид се’ уште не сме мрднале од Земјата, имаме прилично сиромашна идеја за тоа каква е вселената и Универзумот, а исто така катастрофално ги решаваме главните конфликтни прашања (најчесто со војни или забегување кон етатизам), јасно е дека нашите интелектуални капацитети се сиромашни во најдобар случај. Тоа ја поставува перспективата дека колку и да сум испитал било која тема или поле, секогаш оставам шанса да не бидам во право и да го прилагодам светогледот во очиглед на нови, подобри информации.
Тоа веројатно секој од нас треба да го примени кај себе за да ја избегне „експертската пристрасност“ прикажана погоре, па дури и да избегне да се смета себеси за „експерт“ кога не е.
Извор: QZ, BPS, Business Insider