Паѓа астероид или Скајнет се изнервирал од нашата незрелост и го ништи човештвото. Остануваат само двајца луѓе, маж и жена. Можат ли да ја населат Земјата сами по себе? Малку веројатно.
Како што знаеме, во повеќето светски култури инцестот е забранет. Тоа што порано било инстинктивно искусено и развиено како општествено табу денес се регулира со закон и е казниво. Зачнувањето меѓу блиски роднини ги зголемува шансите да се погодат комбинации на гени кои можат да предизвикат катастрофални последици по физичкото и менталното здравје на роденото дете – ретардација, фатални пулмонарни заболувања, слепило за бои или целосно, анемија и слично.
Човештвото се базира на мешање на гените по патот на полово размножување (што го дава одговорот на апсурдните и претенциозни фемшовинистички статии како: „Зошто постојат мажите?“). Ако земеме дека таква е ситуацијата, тогаш само еден пар луѓе тешко би можеле да го вратат човештвото во својата стара слава и најверојатно таквото „човештво“ ќе биде осудено на пропаст по само неколку генерации.
Велиме „најверојатно“ бидејќи може по сила на случајот да не се погоди таква генетска комбинаторика меѓу инцестуозните роднини, а во меѓувреме со некој многу среќен настан да се сменат некои гени на некои од роднините (а тие да не бидат фатални по нив), што доволната разлика во гените ќе овозможи непојавување на пореметувања. Можно е – но, не и веројатно.
Како што ќе изјави Џеф Вол, асистент-професор по епидемиологија и биостатистика при Универзитетот од Каролина: „Има причина зошто имаме закони против инцест. Секој пат кога имаме дете има шанси работите генетски да тргнат на лошо. … Ако целиот свет е основан од двајца, ќе мора да ти се посреќи во генетската лотарија повеќе пати“.
Следствено, можеби животот на фараоните и нивните инцестуозни тенденции ви изгледаат интересно на некои од вас – но, не го правете тоа. Генетиката работи против вас, a постојат толку многу други жени и мажи на светот за да бирате.