Веќе подолго време знаеме дека делфините се високоинтелигентни водни животни кои водат сложени животи, имаат интензивни односи со други делфини, понудуваат креативни решенија, стратегиски се борат против непријатели (како на пр. ајкули), па дури и спасуваат луѓе од незгодни ситуации.
Нивните животи се предмет на интензивен интерес од истражувачите кои сметаат дека делфините можеби веќе знаат да користат алатки (на пример, пренесуваат морски сунѓери за да си ја заштитат муцката) и дека имаат сложени социјални односи.
Тоа го докажаа со долготрајното истражување кое траеше 6 и пол години и кое откри дека делфините си имаат свои социјални претпочитувања и социјални мрежи кои се градат во однос на изгледот на околината. Истражувањето беше остварено со помош на 200 делфини во т.н. Indian River Lagoon.
Па така, беше откриено дека делфините во социјалните групи имаат други делфини со кои сакаат да се дружат, и други кои ги избегнуваат, налик луѓето. Исто така, беше откриено дека делфините се дружат во разни јадра низ лагуната во кои развиваат различна блискост во однос на ширината на каналот.
Според Елизабет Мурдок Титкомб, биолог-истражувач учесник во студијата, „Еден од поуникатните аспекти од нашата студија беше откритието дека физичките димензии на живеалиштето, долгиот, тесен лагунски систем, влијае на спацијалните и временските динамики на асоцијативните патеки на делфините. На пример, заедниците кои ги окупираат најтесните делови од Indian River Lagoon имаат најкомпактни социјални мрежи, слично на луѓето кои живеат во мали градови и имаат помалку луѓе за комуницирање“.
Делфините се едни од најинтелигентните животински видови и се надеваме дека напредокот во мозок-компјутер опкружувања ќе овозможи надградба на нивните интелектуални способности и воспоставување на директна комуникација со нас. Воедно, ова е добар знак дека треба да извршиме уште поголем притисок да се престане со нивното малтретирање и ловење од страна на разни неодговорни организации и нации како Јапонија, Исланд, Перу, Тајван и останати.