Кога производителите на автомобили почнаа да најавуваат автомобили кои самите можат да возат, не помисливме дека таа технологија може да се префрли и кај комерцијалните возила, како камионите на пример. Daimler во американската сојузна држава Невада, која меѓу првите дозволи движење на автономни возила, го покажа првиот таков камион, кој треба да ја подобри безбедноста во сообраќајот, но дали во исто време и да ги намали работните места?
Freightliner Inspiration Truck, како што е целото име на камионот кој ќе вози по патиштата низ САД има цел сет на различни сензори, радари и GPS сензори, кои ќе му помогнат да се снаоѓа во околината. Камионот ќе може целосно сам да тргнува, да кочи, да почитува знаци на патот, да ги гледа пешаците… Возачот, пардон, човекот кој ќе седи во кабината, ќе треба само да ја постави патеката на возење, или пак дури и да ја провери робата која се наоѓа во приколките. Поточно, ќе треба да прави се друго, освен да го вози камионот.
Секако, има ситуации каде возачот ќе мора да преземе, како на пример тесните градски улички или паркинзи, кои моментално содржат премногу информации за компјутерите кои се вградени во камионот, но на отворен или на автопат, камионот ќе вози буквално сам. На скалата на автономни возила според NTHSA, камионот на Daimler e Level 3, исто како и автономниот автомобил на Google. Што значи дека нема потреба да се грижите дека нема да има работни места за „шоферите“, туку само ќе им биде олеснето работата. И ќе бидат побезбедни, заедно со сите други учесници во сообраќајот.
Инаку, самиот камион е со 18 тркала, односно најголемите товарни камиони кои вртат низ американскиот континент. Огромниот Daimler Freightliner Inspiration Truck е испитуван преку десет илјади милји на патека во Германија и од производителот потврдуваат дека системите за автоматски пилот целосно функционираат.