Ние обично го сметаме сончевиот систем за релативно стабилен. Имаме една ѕвезда (Сонцето) околу која се движат 8 планети и една џуџе планета, Плутон. Има и други „додатоци“ како астероиди, комети, егзопланети за кои научниците се` уште се думаат дали да ги сместат во сончевиот систем и слично. Се претпоставува дека планетите настанале поради судир на Сонцето со некоја друга ѕвезда кој одделил материјал кој пак продолжил да орбитира околу нашата ѕвезда, а потоа со текот на времето се ладел давајќи го денешниот изглед. Практично, кога ќе се каже дека ние сме направени од ѕвездена прашина, токму на ова се мисли.
Гледајќи ја оваа перспектива, тешко е да се претпостави дека настанале било какви поголеми пореметувања на нашиот ѕвезден систем (освен можеби судирот на некое небеско тело со Земјата што се дава како можно објаснување за настанувањето на Месечината). Од друга страна, астрономите откриле една црвено џуџе-ѕвезда која според нивните анализи веројатно поминала низ сончевиот систем пред 70 илјади години, во периодот кога нашите човечки предци харале низ прашумите на Земјата.
Ова црвено џуџе е наречено Шолцова ѕвезда (во техничка ознака: WISE 0720-0846) и не е многу импресивно по било какви карактеристики. Се работи за ѕвезда во замирање и ладење и токму затоа е „црвено“ – поради фреквенцијата на електромагнетните бранови кои стасуваат од него. Црвените џуџиња испуштаат многу слаба светлина и не се видливи со голо око од Земјата, а пак се најчестиот вид на ѕвезди во нашата галаксија.
Користејќи ја техниката на пресметувањето на Доплерово поместување на фреквенцијата, истражувачите утврдиле дека Шолцовата ѕвезда се оддалечува од нас. Преку пресметка на нејзината патека, тие утврдиле дека поминала низ надворешниот слој на т.н. Оорт облак кој е составен од комети кои се вртат околу сончевиот систем. Растојанието на поминување било отприлика 0,8 светлосни години. Според нивните пресметки, поминувањето на Шолцовата ѕвезда не предизвикало поголемо пореметување на патеката на кометите.
Нашите предци веројатно немале можност да ја видат Шолцовата ѕвезда бидејќи најверојатно немале двогледи тогаш, освен во некои случаи каде поради магнетската активност ја зголемувала својата сјајност. Во овој момент ова црвено џуџе се наоѓа на оддалеченост од околу 20 светлосни години од нас и продолжува да се оддалечува. Инаку, за отприлика 1,5 милиони години се очекува една портокалова ѕвезда да помине низ сончевиот систем и да предизвика прилично пореметување на функционирањето, но верувам дека дотогаш или човештвото ќе се самоуништи во некоја нуклеарна војна или ќе преминеме во сосема друг тип на интелигенција и живот и ќе почнеме да ги освојуваме другите планети и ѕвезди.
Извор: IFLScience, Discovery