darpa-cortical-modem-augmented-reality

Човештвото е на патот кон зголемување на интеграцијата со технологијата и на создавање на таканаречена „надградена реалност“. Веќе денеска постојат апликации и додатоци за мобилни телефони (како ArchosVR) кои на сликата од камерата на телефонот во реално време додаваат дополнителни информации за разни објекти, па дури и овозможуваат играње на игри. Постојат и уреди како Oculus Rift, Google Glass и други.

Па сепак, повеќето вакви уреди на денешницата се претешки, преголеми или сомнителни за редовно користење без проблеми. Многу од истражувачите како алтернатива ги истражуваат можностите за леќи со вграден екран, но DARPA размислува подалеку и од нив. Научниците од DARPA предложија еден вид на кортикален „модем“ како имплант кој би бил вграден во делот на мозочната кора одговорен за визуелни информации, веројатно каде што се спојува очниот нерв со мозокот.

Преку користење на техника наречена оптогенетика, идејата е да се стимулираат засебни неврони во мозокот кои ќе овозможат директен приказ на информации кај самиот мозок, заобиколувајќи го окото и неговиот нерв. Оптогенетика е една интересна техника која овозможува „чепкање“ во ДНК на клетките (во овој случај, на невроните) и менување на нивната работа преку стимулација со светло (оттаму опто). Практично, неврони кои биле обработени да бидат светлосно-осетливи може да им се контролира работата и да се одлучи дали ќе спроведуваат информации или не. Преку ова може да се стимулира појавување на информации и виртуелен екран ако се стимулира делот од мозочната кора одговорен за обработка на визуелните сигнали.

Модемот кој го предложуваат од DARPA практично би бил закачен за овој дел од мозокот и со светлосни сигнали би го стимулирал, создавајќи го виртуелниот екран. Самиот уред би бил голем колку две мали парички. Засега ваквиот уред ќе овозможи екран сличен на еден аларм-часовник, што не е многу импресивно, но секако се очекува тие да се надградат до максимумот резолуција која ја поддржува мозокот.

Перспективите кои се отвораат со ваквите уреди се огромни, но не и исклучиво позитивни. Ваквите уреди ќе овозможат подлабоко наше интегрирање со виртуелните светови кои ги создаваме, постојана поврзаност и сервирање на информации по наша потреба. Од друга страна, ние сега имаме тешкотија во копањето преку пораки од спамери и реклами, па се тренираме да ги игнорираме. Замислете во случај кога самиот виртуелен екран не можете да го извадите, а некако спамерите дојдат до начин да ви сервираат реклами. Дополнително, ако некој сака да ве збуни или психички да ве малтретира, сега ќе има одлична алатка за тоа да го направи без да се мачи многу.

Извор: Cnet, The Register

Претходна статијаЅвезда Црвено џуџе поминала низ сончевиот систем пред 70 илјади години
Следна статијаColor Bustle – Мала заразна игра за кога ви е досадно