Само што пишувавме за Kepler-452b, досега најдобриот кандидат за земјин „клон“. Со тие возбудливи вести се зголемија надежите дека некогаш ќе откриеме вонземски живот таму некаде во вселената. За жал, се` уште не ни се „посреќило“ во оваа област, но неколку јавни личности се решени да ни ги подобрат шансите во оваа потрага.
Пред неколку дена рускиот милијардер Јури Милнер најави дека ќе придонесе со 135 милиони долари во потрагата кон вонземски живот, на што му се приклучи и Стивен Хокинг. Нивната идеја, наречена Breakthrough Listen, е да се финансира создавање на поспособни телескопи, да се зголеми капацитетот за собирање на снимки од вселената и нивното анализирање. За да се оствари последното, идејата е да се искористат едни малечки уреди кои секој од нас ги има во својот џеб – телефоните и таблетите.
Имено, со инсталирање на апликацијата за преносни уреди (засега само за Андроид и за PC) слободното време кога не ви се користи процесорот ќе биде искористено за правење пресметки, а со тоа споделување на товарот од тие суперкомпјутери кои научниците ги имаат, а не се доволни за овие намени. Небото е ишарано со ѕвезди и планети, од кои имаме откриено само неколку проценти поради тоа што количеството на податоци кои треба да се соберат и анализираат далеку ги надминува нашите можности со користење само на суперкомпјутери. Поради тоа истражувачите досега ги насочуваа телескопите само кон мали порции од небото, па и анализата на истите траеше доста бавно.
За распоредување на товарот на анализа ќе се користи архитектурата со отворен код BOINC (Berkeley Open Infrastructure for Network Computing), која ќе овозможи сите светски научни конгломерати заедно со телескопите и другите уреди кои ги имаат на располагање да се вклучат во оваа потрага. Тие, заедно со јавноста ќе можат значително да ги подобрат нашите способности за анализа на небото и зголемување на шансите навистина и да пронајдеме жив свет некаде во вселената. Овој пример покажува дека човештвото може и мора да се врти кон вистинските проблеми и предизвици, само ако се сака.
Извор: Forbes, ABC.net.au