Скопје, 19.09.2024 година – Денес, Здружението на информатичари на Македонија (ЗИМ)како Организатор на Балканската Олимпијада по Информатика ги презентираше клучните детали од претстојното 31. издание на овој настан. Балканската Олимпијада по Информатика е натпревар во програмирање за средношколци од регионот на југоисточна Европа. Овогодинешното, 31. издание на Балканската олимпијада по информатика, ќе се одржи во Охрид, Македонија, во период од 20 септември до 26 септември 2024 година. Оваа година, на БОИ 2024 ќе учествуваат учесници од 15 земји- Македонија, Србија, Албанија, Грција, Бугарија, Словенија, Молдавија, Романија, Босна и Херцеговина, Кипар, Турција, Црна Гора, Италија, Украина и Саудиска Арабија. 

На настанот, проф. д-р Миле Јованов, Претседател на Здружението на Информатичарите на Македонија, ја презентираше агендата за претстојната олимпијада и ја потенцираше долгогодишната посветеност на организацијата за промовирање на постигнувањето исклучителни резултати во областа на информатиката. Тој ја истакна улогата на БОИ во поттикнувањето на соработката меѓу балканските народи и инспирацијата на млади таленти во областа на технологијата и иновациите.  

„Горди сме што сме домаќини на 31. Издание на Балканската олимпијада по информатика. Додека се подготвуваме за почетокот на олимпијадата, сакам да потсетам на суштинската улога која ја имаат настаните како овој во обликувањето на новите ИТ кадри во регионот. БОИ 2024 е натпревар помеѓу новите генерации информатичари, но истовремено е и платформа во чии рамки младите умови се здружуваат, се запознаваат со различни култури, се дружат, се вмрежуваат и разменуваат искуства од сферата на информатиката и иновациите, инспирирајќи се меѓусебно и претставувајќи еден вид стимул едни за други. Со поттикнување на овој дух на соработка и конкуренција, ја негуваме следната генерација лидери во технологијата, што е од витално значење за континуираниот раст и развој на нашето општество. Чувствувам и лична сатисфакција кога гледам како Балканската иницијатива која стои зад организацијата на БОИ се подобрува секоја година од периодот кога јас претседавам со неа, а се повеќе земји кои го опкружуваат Балканот се заинтересирани да пристапат во иницијативата. Во последните неколку години ни се придружија Словенија, па Италија, а веќе три години интерес за приклучување покажува и Украина.

Во оваа прилика, би сакал да изразам благодарност до сите спонзори, поддржувачи и помагатели, чија поддршка го овозможи овој настан. Повикувам на поголема вклученост на компаниите и институциите во поддршка на ваквите иницијативи како Балканската олимпијада по информатика и на нашите олимпијци, за заедно да овозможиме посветла иднина за нашата младина и идна работна сила.“, истакна проф. д-р Јованов.

Како поддржувач и пријател на Балканската Олимпијада по Информатика, компанијата “Сорсикс “ (Sorsix), една од водечките ИТ компании во Македонија, додели ваучери за платена пракса за осуммината македонски учесници. Во своето обраќање, г-дин Далибор Фртуник, Извршен Директор на “Сорсикс“, ја потенцираше важноста на инволвираноста на приватниот сектор, во форма на општествено одговорен граѓанин и еднаков учесник во општеството, во поддршката на ваквите иницијативи кои ги оформуваат идните професионалци во технолошката индустрија.  

„Како компанија чии клучни вредности и суштина се базираат на технологијата и иновациите, “Сорсикс“ ја препознава огромната важност и вредност на иницијативите како Балканската олимпијада по информатика. Веруваме во инвестирање во иднината и токму затоа сметаме дека со поддршка на настани како БОИ 2024, активно придонесуваме во развојот на следната генерација на ИТ таленти. Сметам дека приватниот сектор има клучна улога во создавањето можности за напредување на младите таленти и како компанија која повеќе од 12 години работи и создава ИТ решенија од областа на здравството во Македонија, но и ширум светот, сериозно ја сфаќаме оваа одговорност. Со поддршка и инвестирање во овие брилијантни млади умови, помагаме во обликувањето на иднината на информатичката технологија. Обезбедувањето на едномесечна платена пракса во “Сорсикс“ за македонските учесници е наш начин да го негуваме нивниот потенцијал, а воедно и да го премостиме јазот помеѓу образованието и примената на знаењето во реалниот свет. Да се биде општествено одговорен и активен учесник во општеството за нас е токму ова –  активна поддршка на идните генерации и инвестирање во талентите кои верувам дека доколку продолжат со исто темпо, ќе го поттикнат напредокот во ИТ секторот во земјата.“ – изјави г-дин Далибор Фртуник.

Еден од македонските учесници, во име на Македонските олимпијци кои ќе се натпреваруваат во рамки на Балканската Олимпијада по Информатика оваа година, изрази благодарност до организаторот на Олимпијадата – ЗИМ и до “Сорсикс“, што го препознаа нивниот потенцијал и им овозможија простор за дополнителен развој и примена на наученото.

Претходна статијаGaming Booster од Македонски Телеком за вистинско гејмерско искуство, сега и без дополнителен надомест
Следна статијаКинески научници развија систем за откривање на „стелт“ летала со помош на Starlink сателитите