Првата конференцијата на European Woman Payment Network за регионот на Југоисточна Европа ќе се одржи во Загреб на 1-ви јуни, а КаСис – единствениот македонски процесор од областа на картичното работење, електронска трговија и сертифицирано биро за персонализација на картички, е ко-организатор на настанот.
„Тоа што оваа конференција ја издвојува е фактот дека ја организираат група дами, професионално ангажирани во платежната и картична индустрија, платните системи, банките и финансиските институции и амбасадори на EWPN од Македонија, Босна и Херцеговина, Албанија, Србија и Хрватска. Нашиот ангажман е потполно волонтерски, а целта на конференцијата е подигнување на свеста во регионот на Југоисточна Европа за значењето на новите технологии и трендови во финансискиот сектор, но истовремено и зајакнување на вклученоста на жените лидери кои со својата работа, придонес и посветеност континуирано поместуваат граници и афирмативно влијаат на новите генерации“, вели Филомена Пљаковска-Аспровска , претседателка на Управниот одбор и главна извршна директорка на КаСис АД Скопје и амбасадор на нашата земја во Европската мрежа на жени во платежната индустрија (EWPN).
Во програмата на настанот се предвидени неколку презентации од компании кои се глобални лидери во индустријата, како и панел дискусии предводени од амбасадорите на мрежата во регионот. Темите се избрани да отворат поширока дискусија за чекорите што треба да се преземат за унапредување на финтек индустријата, картичната индустрија, платните системи, онлајн трговијата како и работењето на банките и финансиските институции.
Панелот „Плаќања без граници на Балканот“ ќе го модерира Линда Шомо, основач и извршен директор, Easy Pay Албанија и амбасадор на EWPN за Албанија. Вториот панел „Дигитални плаќања – од регулација до иновации насочени кон клиентите“ го модерира Мерима Махмутовиќ, сениор менаџер на PwC SEE и амбасадор на EWPN за Босна и Херцеговина. На панелот модериран од Јелена Ѓуровиќ, менаџер во Payoneer, ќе се дискутира за „Партнерства кои ја преобликуваат иднината на финансиите“.
„Темата на панелот што го модерирам е ‘Лидерство низ промени’. Индустријата во која работиме динамично се менува. Глобалните случувања во последните години, особено кризата со covid-19, значително влијаеа за зголемен раст и многу иновации што предизвика големи промени од различни аспекти. Промените влијаеа на сите нас, а компаниите кои ги антиципираа овие промени, агилно се прилагодија, ги прифатија предизвиците и успешно управуваат со промените остварувајќи позитивни резултати. Овие промени изискуваат лидери кои успешно ќе менаџираат со промените и ќе се прилагодат на новонастанати услови. Клучно е да ги имаме предвид луѓето и да учиме едни од други за поуспешно да ги постигнеме заедничките деловни цели. Затоа сметам дека ваквите конференции и настани се особено важни за учење, вмрежување и споделување искуства и знаење. “ истакнува Пљаковска-Аспровска.
Свои презентации на настанот ќе имаат CaSys AD Македонија, Payoneer SEE, AirCash Hrvatska, Easy Pay Albania, Monri Payments, Mastercard итн.