Apple за денеска го закажа нивниот „Let Loose“ настан на кого се очекува да бидат претставени нови iPad модели, а заедно со нив се очекува претставување и на ново пенкалце и нова тастатура за таблет компјутерите.
Главното внимание треба да го привлечат двата нови iPad Pro модели кои треба да бидат надградени со OLED екрани, нешто што доста треба да го подобри корисничкото искуство. Овие два уреди се очекува да добијат и одреден редизајн, па ќе видиме дали тоа ќе биде навистина така.
iPad Air треба да добие нова верзија на овој настан, а за првпат се очекува овој таблет да има и поголема варијанта, односно да биде претставен 12,9 инчен iPad Air, покрај стандардниот.
Дел од гласините најавуваат дека Apple нешто порано ќе го претстави нивниот М4 чип, а iPad Pro уредите ќе работат на него. Со тоа се очекува и да се спомене нешто за работата со генеративна вештачка интелигенција која од компанијата треба официјално да ја претстават идниот месец во рамките на WWDC 2024.
Настанот ќе започне во 16:00 и ќе може да се следи преку YouTube, односно преку овој линк.