Звонко Вугрешек: Магистер на Архитектонски и член на Design Morphine

Покрај студиите, Sвонко работеше како практикант во архитектонска фирма во Данска. Еве што тој ни раскажа за себе, неговата работа и искуства позади себе

Звонко Вугрешек е архитект и алгоритамски дизајнер – член на Design Morphine. Неодамна стана магистер на Архитектонскиот факултет во Скопје. Покрај студиите, Звонко работеше како практикант во архитектонска фирма во Данска. Еве што тој ни раскажа за себе, неговата работа и искуства позади себе.

1⃣ Раскажи ни нешто накратко за себе ?

Штотуку станав архитект магистер од УКИМ, но главно се занимавам со алгоритамски дизајн и дигитална фабрикација. Покрај ова, правам анализа и оптимизација на архитектонски, урбанистички и градежни проекти. Ова ја прави мојата работа прилично мултидисциплинарна. Го работам ова веќе 3 години. Имам учествувано на многубројни работилници и проекти со организацијата Design Morphine. До неодамна бев и практикант во познатото данско студио 3XN во Копенхаген.

2⃣ Како ги поврзуваш архитектурата и алгоритамскиот дизајн? Дали има некој друг што се занимава со вакво нешто во Македонија? ?

Се’ е сведено на процес на алгоритамско дизајнирање на работите, со цел да се одбегне мачниот процес на константни преправки. Тие сигурно ќе се појават во некоја фаза. Својствата на секој нацртан елемент (димензии, позиција, материјал и сл.) се декларирани како променливи, односно параметри. Оттука, ова може да се сретне и како параметарско моделирање. Промената на неговата суштинска геометрија е многу лесна, бидејќи станува збор за промена на податоците врзани за тој параметар. Кога сето тоа ќе се стави во динамичен систем од повеќе елементи, се добива проект кој е лесно променлив во секое време. На овој начин не се губи време на рачно прецртување и поправање на грешките. Всушност, се олеснуваат дизајнерските и пресметковни задачи и имаме повеќе време да се посветиме на нештата кои се многу поважни од мануелната работа.

Засега, имам сретнато само двајца кај нас кои ја познаваат тематиката, но не ја практикуваат често. Според ова, веројатно сум единствениот што знае да го работи ова, бидејќи активно го практикувам. Одржав 2 предавања во Хаклабот КИКА во Скопје минатата година на оваа тема. Би рекол дека има интерес, но заинтересираните немаат каде и од кого да научат. Оваа тематика најефективно се учи практично, а не од книга.

3⃣ Што е Design Morphine? ?

Тоа е организација која се бави со ширење на најновите дизајн и инженерски методи на примамлив и економичен начин, преку одржување на разни работилници, предавања, учества на проекти и сл. Организацијата е основана во Софија, Бугарија во 2014 година. Целта е да се разбие монотоната и застарена тамошна понуда. Денес Design Morphine е развиена во интернационална организација и има членови од целиот свет. Сите се добро обучени во повеќе полиња и софтвери како Rhino, grasshopper, Maya, 3dsmax, zbrush, unreal engine, vray. Досега, направени се околу 40 – тина работилници. Најмногу се одржувани низ Европа, но ги има и во Америка, Африка и Блискиот Исток. Минатата година имавме можност да направиме работилница и во Скопје која беше наменета за мебел и индустриски дизајн. Може да дознаете повеќе за нас на следниов линк.

4⃣Раскажи ни за твоето искуство во Данска ✌

Како што кажав, работев во познатотото данско студио 3XN. Тие имаат направено доста завидни проекти во Данска, како кралската арена или националниот аквариум. За жал, мојата работа не вклучуваше многу дизајн. Повеќе беше имплементација на техники и методологии на работа во секојдневното работење на студиото, разни универзални скрипти и алатки кои ја зголемуваат генералната ефикасност, но и решаваат одредени проблеми кои се специфични за одредени проекти. Исто така, покрај студиото го обучував и кадарот на 3XN во нивната макетарница за дигитална фабрикација. Изработив и разни скрипти и компоненти кои помагаат во елиминирање на мануелната, рутинска работа. Со алгоритмите успеавме да заштедиме на време, но и на потрошен материјал.

Претходна статијаКако изгледал објектот во кој е основана компанијата Nintendo во 1889?
Следна статија„The Shape of Water“ го освои Оскарот за режија и најдобра слика