По лансирањето на Oculus Rift и HTC Vive, беше само прашање на време кога производителите на гејмерска опрема ќе влезат посериозно на пазарот на уреди за виртуелна реалност. Тоа прв го прави познатиот Razer, кој ја лансира втората верзија на својот HDK уред за виртуелна реалност.
HDK всушност значи “Hacker Development Kit”, односно уред наменет за дивелоперите на игри и софтвер за виртуелна реалност. И покрај тоа, Razer ќе го направи овој уред достапен и за корисниците по цена од 400 долари, што е за 200 долари помалку во однос на Oculus Rift на пример.
И покрај пониската цена, спецификациите се скоро исти како попознатиот конкурент – OLED дисплеј со резолуција од 2160х1200 пиксели и освежување од 90 Hz, инфрацрвена камера за подобро позиционирање во просторот, како и побарувачка од минимум GTX 970 или AMD R9 290 графички карти. Во превод и за овој уред ќе треба да имате помоќен компјутер. Единствен недостаток е што во HDK 2 нема вградени слушалки, но тоа може да се прости со оглед на цената.
Најголема предност на HDK 2 на Razer е што е базиран на отворена платформа, односно има за цел да работи со сите VR еко системи. Засега уредот поддржува Steam VR, а во тек се преговори со други производители, како на пример Leap Motion кој има контролери наменети за виртуелна реалност.
Razer HDK 2 е сѐ уште во развој и според тоа веројатно не е уред за кој треба да ги потрошите Вашите драгоцени пари, особено поради недостатокот на игри за него. Сепак, неговиот отворен систем најавува дека проширување на понудата и на софтверската и на хардверската страна отвора можност за приклучување на многу други производители, што би можело драматично да ја намали цената на уредите за играње и гледање виртуелна реалност, нешто што ние купувачите секако ќе го дочекаме со отворени раце.