HTC One M8 веќе се покажува како еден од најдобрите изуми на HTC и предизвикува голем интерес во светски рамки. Токму затоа, не зачудува фактот што HTC веднаш посветија внимание на дополнителната опрема за овој паметен телефон. Дел од неа е и маската HTC Dot View.

HTC Dot View одлично си ја завршува работата во поглед на заштита на телефонот од удари, прашина и гребнатини. Но, она што ја прави оваа маска различна од многу други е фактот што покрај заштита на One M8, истата има функција и да ве известува за разни активности поврзани со телефонот.

Како што забележувате на самата слика, Dot View е маска која целосно го покрива телефонот, притоа одликувајќи се со ситни дупчиња на предната страна која го штити екранот. Сепак, пристапот до камерата и приклучоците не е воопшто отежнат, што воедно и се очекува од гигант како HTC. Дупчињата кои веќе ги спомнав имаат доста интересна улога. Низ нив можете всушност да читате најразлични известувања кои се поврзани со дел од функциите на вашиот паметен телефон. Па така, секогаш ќе знаете колку е часот, дали сте добиле нов имејл, кој ве бара или ви праќа СМС порака, но и каква е временската прогноза. Она што импресионира е фактот што светат само оние дупчиња кои всушност прикажуваат дел од известувањето, што значи дека останатиот дел од екранот е затемнет и батеријата не е максимално оптоварена.

Доколку сте еден од среќните корисници на HTC One M8, можете да си нарачате Dot View маска во една од следните бои: сина, зелена, црна, портокалова и црвена. Носталгичарите меѓу вас со сигурност ќе го поздрават 8-битниот ефект и шарм кои се целосно доловени и ќе уживаат во заштитата, но и известувањата кои оваа маска ги нуди. Сепак, треба да се има предвид дека цената на HTC Dot View изнесува 49.99 долари; сума што во земји како нашата може да оттргне многу потенцијални корисници.

Претходна статијаКористете паметни кваки за подобро здравје
Следна статијаMicrosoft прикажа концепт за Windows во автомобилите