mobile-pascal_w_755

Денес има многу модели на лаптоп компјутери кои овозможуваат играње на најновите игри, но само на Full HD резолуција доколку сакате максимални сетинзи на графиката. Но, што ако сакате да играте на супер остар 4K Ultra HD дисплеј или пак сакате играње во виртуелна реалност? Тука стапуваат новите Pascal графички чипови од серијата „10“ на Nvidia – 1060, 1070 и 1080, наменети за лаптоп компјутерите.

Ова ќе бидат најмоќни преносни графички чипови во светот – од Nvidia ветуваат дека на пример GTX 1080 може да овозможи играње на 4K резолуција, со максимална графика, на скоро сите понови игри. Сите три нови модели на графички картички инаку се сертифицирани за работење со VR уредите како Oculus Rift и HTC Vive.

Она што ги прави толку моќни е што за разлика од порано, нема вистинска разлика во дизајнот во однос на десктоп „браќата“ – затоа и веќе нема “M” во нивното име. Поточно, тие само работат на понизок работен такт, со цел да се намали потрошувачката на енергија и температурата, но очекувајте производителите на лаптопи да направат модели со моќни системи за ладење, кои ќе овозможат цедење на максималните перформанси на овие чипови преку “overclock”.

На пример, најмоќната GTX 1080 за лаптопите ќе овозможи досега невидени перформанси за еден преносен компјутер, бидејќи ги има истите 2.560 CUDA јадра и 160 чипови за текстури како десктоп графичката, заедно со максимален работен такт од 1.733 MHz на кратки временски периоди. Единствено основниот работен такт е снижен на 1.556 MHz, но тоа е веројатно разлика која ќе биде многу тешко да ја забележите, бидејќи 1080 и така е ултра јака графичка карта. Истиот случај е и со GTX 1070 и GTX 1060 – се е исто, освен малку помалиот основен работен такт.

Сето ова најавува многу модели на лаптопи кои ќе овозможат вистинско гејминг искуство, без големо покачување на цената, бидејќи како што знаеме новите графички чипови на Nvidia, покрај моќните перформанси, имаат и прилично коректна цена, особено споредено со нивните претходници GTX 960, 970 и 980. Наредниов период дефинитивно ќе биде рај за гејмерите…

Извор: Tom’s Hardware, The Verge, ARS Technica

Претходна статијаSamsung Electronics овозможи процес на ексклузивна порачка за Samsung Galaxy Note 7 во Европа
Следна статијаIntel Joule системот им помага на геџетите да имаат подобра визија за светот