Со години слушаме како интензивно се работи на разни технологии кои ќе ни овозможат при купување на производи или услуги да плаќаме со нашите мобилни телефони или некои дополнителни чипови. Но во Шведска, група (дипломирани) студенти се одлучила да оди чекор подалеку и развила систем кој ви дозволува да платите користејќи ја само вашата дланка, односно биометричка идентификација.
Овој вид на идентификација не е нов, но начинот на кој Фредрик Лифланд, и неговата стартап компанија Quixterсе решиле да го применат е дефинитивно за почит. Самиот процес на плаќање со овој систем е многу едноставен: се’ што треба да направите е да ги внесете последните четири броја од вашиот телефонски број во терминал и да поминете со раката преку скенер. Скенерот ја детектира уникатната шема на вените во вашата дланка и со тоа се одбива бараниот износ од вашата сметка (кредитна картичка). Притоа, ваквото плаќање не трае повеќе од пет секунди.
Според Лифланд, најтешко за него и компанијата било да се воспостави поврзаност помеѓу терминалите за скенирање вени, банките, продавниците и муштериите. Истовремено, неопходно било самото плаќање да се изведе на што е можно поедноставен начин.
Моментално, во Шведска има околу 1.600 активни корисници на овој систем на плаќање. Корисниците можат да користат терминали во 15 продавници и објекти што се наоѓаат близу универзитетот Лунд, во истоимениот град. Секој корисник кој сака да се стекне со можност да плаќа со скенирање на неговата дланка, треба официјално да се регистрира за да дојде до поврзување на неговиот биометрички профил со методите за плаќање.
Лифланд се надева дека овој систем наскоро ќе почне да се користи и надвор од Шведска. Како една од главните предности ја спомнува неможноста за измама или злоупотреба, поради веќе посочениот факт дека секој поединец има уникатна шема на вени во дланката.