cvs4ekoumaalybc-720x404

Windows 10 е моментално една од најдобрите, ако не и најдобра платформа за VR, односно виртуелен гејминг, но проблемот досега беше што самите уреди за гледање на виртуелна реалност беа прилично скапи. Отсега тоа ќе се смени – Microsoft најави дека неговите партнери ќе лансираат VR уреди со почетна цена од 299 долари, што е многу пониско од тоа на конкурентите како HTC Vive и Oculus Rift.

Идејата е на просечниот корисник на Windows 10 компјутер да му се понуди поволна можност да влезе во виртуелниот свет на игрите и останатите виртуелни содржини, без тој да загуби на перформансите и можностите кои ги имаат помоќните VR уреди.

ssp_156

Имено, овие уреди ќе бидат опремени со мноштво сензори, кои ќе му овозможат на корисникот да знае каде се наоѓа во околината (на пример да не се удри во некоја препрека), без да има потреба од додатни уреди кои ќе треба да се постават низ собата. Според тоа, не само што овие уреди ќе бидат многу поевтини, туку ќе бидат и полесни за поврзување – ќе се приклучуваат само со еден кабел на компјутерот.

Сѐ уште нема информации за тоа колкава резолуција ќе имаат VR уредите кои ќе чинат 299 долари и какви компоненти ќе треба да има компјутерот за да може да работат со него (Oculus Rift и HTC Vive бараат бесно моќни машини), но сигурно се знае дека HP, Dell, Lenovo, Asus и Acer наскоро ќе лансираат свој уред.

Извор: The Verge, Tech Radar, IGN

Претходна статијаSurface Book добива помоќна графика и траење на батеријата од 16 часа
Следна статијаWindows 10 Creators Update донесува новитети кои се наменети за креативците и гејмерите