Заедно со претставувањето на три нови Lumia модели оваа недела во Берлин, Microsoft претстави уште еден уред кој што е наменет за овие уреди. Наречен Screen Sharing for Lumia phones, како што и самото име кажува е уред кој што се поврзува со телевизор, како и други монитори, по што добивате можност да го проектирате екранот на телефонот. Во основа се работи за Miracast уред, нешто што често е вклучено со самите понови телевизори.
Дека од компанијата спремаат ваков уред се шпекулираше пред одреден период, па како и обично во последно време, тоа се покажа како точно. Уредот функционира како и сите други Miracast уреди, односно телефон со поддршка за овој протокол се поврзува и екранот се прикажува на телевизорот или некој друг монитор. Од Microsoft имаат додадено диск кој што може да стои врз уредот или на било кое место во собата, па со едноставно допирање на телефонот врз него, почнува поврзувањето со уредот преку NFC. Колку што можевме да видиме од демо видеата достапни, поврзувањето преку NFC само ја стартува Project my screen апликацијата достапна од 8.1 верзија на оперативниот систем, па во основа ви скратува неколку кликови на телефонот.
Screen Sharing е мал интересен уред направен во тркалезна форма, односно во форма на диск, па некои го споредуваат со пакот од хокеј. Се поврзува со HDMI портата на телевизорот, како и во струја, што е различно од Google Chromecast кој што енергијата ја влече од самиот телевизор преку USB кабел.
Ваквата можност е прилично корисна доколку чувате филмови на телефонот, па сакате да ги гледате на телевизорот без да поврзувате компјутер или да го префрлувате филмот на USB стикче. Исто така може да се погоди во ситуации кога сакате да покажете слики на поголем екран или можеби да презентирате нешто на состанок.
Извор: WPCentral