macbook-1

Наместо MacBook Air со подобар екран, Apple ни претстави целосно нов лаптоп, кој ќе се вика само MacBook и кој е најтенкиот лаптоп во светот. Колку тенок? 13,1 милиметри на најдебелата точка, што е во најмала рака фантастично постигнување со кое од Apple се многу горди, но е и еден од најлесните, со тежина од само 900 грама. А, да, големината на екранот е 12 инчи, што го прави исклучително пренослив.

Покрај исклучително тенката шасија, MacBook вклучува и Retina дисплеј, што е името кое го користат Apple за екраните со повисока резолуција од вообичаеното. Тука, резолуцијата е 2304х1440 пиксели, што е повеќе во однос на веќе години застарениот дисплеј на Air од 1440х900 пиксели, но и натаму помалку од она што го нудат најдобрите Windows ултрабук лаптопи, 3200х1800 пиксели.

Apple-Watch-Event-2015-48-1280x720

Но, главното прашање е како Apple воопшто постигна толку тенка шасија? Половина од заслугата веројатно ја носи Intel и нивните Core M процесори, кои не бараат ладење (како кај таблетите) и овозможуваат многу потенки куќишта. Иако се лаптоп чипови, овие двојадрени процесори сепак не овозможуваат перформанси на нивото на Core i-X серијата. Далеку од тоа. Што во превод значи дека новиот MacBook нема да биде за сериозна работа, туку за полесно сурфање или пишување документи.

Батеријата е исто така нова и е распоредена низ целиот лаптоп, со цел дополнително да се намали на дебелината. Apple ветува дека ова решение е доволно за 9 часа веб сурфање, што е во рамките на денешните тенки ултрабукови. На диета е ставена и тастатурата, која е многу потенка и скоро и да нема од на копчињата, како и тачпадот, кој веќе нема клик, туку работи на притисок, слично како екраните на допир со Wacom технологија. Во него се вградени и вибрации, кои треба да имитираат клик… Решение кое дефинитивно треба да се проба за да се види дали функционира како што треба.

screenshot.41

Сепак, најмногу е скратено на поврзливоста. На левата страна од лаптопот има само еден USB Type-C слот, додека на десната само еден излез од 3,5 mm за слушалки. И толку. Полнењето е преку USB слотот, што е уште поголема слабост. Овој слот е со најновата USB технологија и е двостран, но во него нема да може да се сместат сите стари USB уреди што ги имате. Всушност, додека се полни лаптопот, во него нема да може да вклучите ништо, освен слушалки. Точка.

Решението на Apple за ова се адаптери, кои вклучуваат дополнителни слотови за полнење на лаптопот, обичен USB 3.0 влез и HDMI излез, но, доколку сакате да додадете повеќе уреди, рачунајте дека околу лаптопот ќе имате цел октопод од кабли. Со што се убива и целата намена на новиот MacBook, секако.

Со оглед на овие недостатоци, јасно е дека новиот MacBook е уред кој повеќе треба да покаже што Apple може да постигне, отколку уред кој ќе биде вистински корисен. Не ме разбирајте погрешно, лаптопот е извонредно постигнување, но секој посериозен корисник на ваква направа не може без USB влез, или пак HDMI излез. Исто така, Core M процесорот е само за полесни задачи и почнува да кочи дури и на нормални слики на Photoshop.

Apple-Watch-Event-2015-46-1280x720

Згора на сето ова, цената изнесува 1.299 долари за моделот со 256 GB SSD диск и 8 GB рам меморија. За неколку стотици долари помалку, Dell го нуди новиот XPS 13, кој има скоро подеднакви димензии на MacBook, со исклучително мала рамка на екранот, освен дебелината, а тука е и 14 инчниот Lenovo X1 Carbon, целосно изработен од карбон – фибер. А Windows моделите дури имаат и екрани на допир.

Сепак, се чини ниту еден друг лаптоп нема да го предизвика WOW факторот кај останатите кога ќе го извадите во некое кафуле. Настрана сите негови, слободно ќе кажеме, сериозни недостатоци, MacBook ќе биде статусен симбол кај мажите, односно моден додаток кај жените. Лаптоп со кој ќе сакате да се покажете пред другите. Едноставно, ладно парче алуминиум секогаш ќе биде секси.

А дали ќе се продаде како таков, останува да видиме.

Извор: Apple, The Verge, TechnoBuffalo

Претходна статијаТаксисти: Претприемништво и слободен пазар? дел 1
Следна статијаНовиот Galaxy S6 го има најсилниот процесор во светот