Обично кога ќе се спомене концептот на паметни-велосипеди, првата асоцијација се велосипеди со дополнителен електричен погон, хувербордови, електрични тротинети и сл. Меѓутоа, Lyra, нема да ви го пружи тоа задоволство. Неговите дизајнери и изведувачи, Mission Bicycle Company сепак сакале да ја задржат основната карактеристика на велосипедот, односно комплетно човечки погон.
Можеби придавката паметен во овој случај едноставно значи паметна технологија искористена на вистинскиот начин, повеќе, отколку искористена во насока возењето велосипед да ја загуби својата основна намена-релаксација и физичка активност.
Она што го прави Lyra паметна е начинот на илуминација, односно, она што од компанијата велат, нуди речиси 360 степени видливост. Се работи за светла, интегрирани во самиот рам на велосипедот кои емитираат светлина на начин велосипедот да биде забележлив од речиси секој агол.
Интегрираните лед сијалички се штедливи и не трошат многу електрична енергија, која велосипедот ја добива од микро-батерија која, дополнително има опција да биде надополнета преку USB. Бидејќи се работи за велосипед, батеријата добива извесно количество на нергија од самото движење на велосипедот, па така, се верува дека батеријата има животен век од речиси еден месец, пред да има потреба воопшто да биде надополнета.
Втората и уште поважна „паметна“ компонента која ја поседува овој велосипед е GPS лоцирањето. Локаторот вграден во рамот овозможува во секое време да ја дознаете локацијата на својот велосипед преку едноставна мобилна апликација.
Интересно да се напомене е дека секој Lyra велосипед е составен рачно, купувачите ќе имаат прилика да одберат помеѓу неколку варијанти. Најевтината варијанта е самиот рам, кој ќе чини 500 американски долари, а корисникот ќе има прилика на него да надогради делови по сопствен избор и потреба. Останатите две опции нудат два комплетни модели со една, односно 8 брзини, по цена од 999, односно 1.449 американски долари. Единствен проблем, е тоа што GPS локацијата не влегува во основните модели, односно ќе биде достапна со дополнителна доплата, која се’ уште не е специфицирана.
Генерален заклучок е дека велосипедот не е сосема компатибилен со нашиот пазар, што се однесува до цената и очекувањата на поголемиот дел вљубеници во велосипедите од овие простори. Меѓутоа, доколку сте расположени да поседувате рачно составен, речиси уникатен велосипед и секако сте спремни да потрошите цело богатство за него, тоа ќе ви биде овозможено веќе во октомври.
Извор: Kickstarter