Многумина од нас сакаат некој од новите таблет/лаптопи со Windows 10, а особено новите Surface модели, но реалноста е дека тие се премногу скапи и недостапни за повеќемината. На помош доаѓаат новите Yoga 700 модели на Lenovo, кои не се „евтини“, но не се ниту скапи како конкурентите во класата.
Моделите од Yoga серијата инаку имаат екран на допир кој може да се сврти 360 степени и потоа лаптопот да се користи како таблет. Ова решение е особено добро за оние кои често го користат лаптопот во скут, бидејќи сите компоненти и натаму се во долниот дел и целиот уред е многу постабилен, за разлика од Surface Pro 4 на пример.
Серијата 700 доаѓа во две изведби, со 11,6 инчен и 14 инчен дисплеј – и двата со IPS екрани со Full HD резолуција. Поголемиот лаптоп почнува од 899 евра, но доаѓа со исклучително моќни компоненти, кои ги вклучуваат процесорите од новата Skylake серија на Intel и тоа Core i5 и Core i7 (кај помоќните модели), 8 GB рам меморија уште во основниот модел, како и SSD диск со капацитет од 256 GB. За оние кои сакаат помоќна графика од онаа вградената на Intel, има и модел со Nvidia 940M графичка картичка, слична на онаа од Surface Book на Microsoft.
Помалиот модел почнува од 599 долари и е одлично решение за оние кои често патуваат или пак често работат на различни места. Доаѓа со Core m3 процесор во основниот модел, но има и верзија со Core m5 (плус 100 долари). Количината на рам меморијата изнесува 8 GB, а уредот е исто така достапен со SSD дискови со капацитет од 128 и 256 GB. Малиот модел ќе има 7 часа траење на батеријата, што е солидно за толку евтин и достапен модел, а особено ако се знае дека тежи само 1,1 килограм.
И двата модели треба наскоро да почнат да се продаваат на пазарите на светот, а секако можеме да ги очекуваме и кај нас.
Извор: Tech Radar, Liliputing, SlashGear