Велосипедите се одлично превозно средство за голем број на луѓе, покрај нивната рекреативна страна. Тие се еколошки, односно не ја загадуваат околината, а и не придонесуваат во се поголемата бучава карактеристична за поголемите градови. Меѓутоа можеби некој од вас се’ уште се мисли дали да го замени својот автомобил во голем број од ситуации, со купување на велосипед и со тоа да ги избегне гужвите и лошиот сообраќај во градот. Тука се јавува проблемот на тоа каде ќе го чувате велосипедот кога ќе стигнете на вашата дестинација, посебно поради ризикот од негово крадење.
Gi Bike е паметен велосипед моментално во фаза на прибирање на средства преку Kickstarter, кој што покрај функциите кои што го ставаат во категоријата на паметен, доаѓа со можност да биде превиткан. Можноста за превиткување овозможува тој многу лесно да биде пренесуван во одредени ситуации, како на пример скали или помал лифт во зграда, а исто така многу полесен за чување, со оглед на тоа што зазема половина од просторот од другите велосипеди.
Велосипедот е направен од алуминиум, а во главната шипка се вградени литиумски батерии за електричниот модел. Тој модел овозможува помош при возењето зависно од возењето, како и вртењето на педалите. Наменет е за корисниците кои што велосипедот во главно им претставува основно превозно средство, па не би сакале да се испотат кога одат накај некој состанок од работа на пример. На главната шипка исто така поставени се и LED светилки, а со една полнење на батеријата може да се поминат до 65 километри.
Gi Bike доаѓа со можност за поврзување со апликација достапна на Android и iOS уредите преку која што може да се следат одредени статистики за возењето, потрошените калории, навигација, како и заклучувањето на велосипедот и споделување на пристап до него со пријателите. Заклучувањето е интересно направено со вграден систем, кој што покрај со користење на апликацијата, автоматски го заклучува велосипедот кога ќе се оддалечите од него.
На велосипедот исто така можете да го полните вашиот мобилен телефон додека возите, преку вградениот USB порт. Очекувано за ваков велосипед тој доаѓа со цена од околу 3.000 долари, зависно од периодот на купување.
Извор: Kickstarter