eCool е интересен концепт за ладење на пиво и слични пијалаци во помалите лименки без користење на електрична енергија. До сега имаме видено најразлични преносни фрижидери кои што работат со изладени патрони или и поновите соларни фрижидери, меѓутоа ова дефинитивно е различен и несекојдневен концепт.
eCool во основа е уред со висина од 1.13 метри и дијаметар од 22 – 30 cm кој што се поставува во специјално ископана дупка во земјата. Тоа значи дека овој уред не ги лади пијалаците поставени во него, односно тие се чуваат ладни и подалеку од надворешното влијание од земјата во која што се поставени. eCool е тука само да ви помогне да ги ставите пијалаците длабоко во земјата и притоа лесно и на интересен начин да ги чувате и вадите лименките. Степенот на изладеност на пијалаците зависи од климата, односно од временските услови, па може слободно да кажеме дека во нашата земја пивото не би било баш ладно, но сепак добро би се нашол ваков уред кога немате извор електрична енергија во близина.
Поради потребата од копање на не толку мала дупка, производителот препорачува eCool да се намести еднаш и да биде оставен на таа локација цела година. Исто така тој може да се остави и зимно време, а за тоа е заштитен од мрзнење на пијалаците.
Цената по која што може да се купи eCool не е баш ниска, посебно ако се земе во предвид дека ретко ќе добиете навистина добро изладено пиво. 300 долари треба да издвоите доколку сакате да го купите eCool, нешто што е високо и за западните земји, ако се гледа од коментарите на порталите.