Интересен тренд во последно време е претставување на додатоци за одредени производи кои што го претвораат производот во паметен, наместо претставување на целосно паметна верзија од истиот. Ова често можеме да го видиме откако почнаа да се претставуваат паметни производи, па не одредени компании им текна дека во овој прелазен период може да се претставуваат и производи наменети како додатоци за старите.
Ист е случајот и со велосипедите од кои што можевме да видиме повеќе видови, како и концепти од нивни паметни верзии. Поради одржувањето на CES2015 настанот оваа недела, може да очекуваме претставување на доста вакви и слични производи, па дефинитивно може да се каже дека не чека интересна недела.
Француски стартап на овој настан претстави производ кој што може да се додаде на скоро секој обичен велосипед и со тоа да го стави во категоријата на паметни. Се работи за паметната педала наречена Connected Cycle која што во себе содржи сензори, GPS и GPRS чипови и е наменета да ја следи вашата активност, но и да ви овозможи лесно пронаоѓање на велосипедот во случај на крадење.
Можноста за следење на локацијата е можеби и најинтересната можност на овие педали, поради големиот проблем на сопствениците на велосипеди кои што го имаат со нивното крадење. Постојат повеќе решенија се разбира за заштита на велосипедот, меѓутоа никое од нив не може да овозможи 100% сигурност. Со Connected Cycle, доколку сепак дојде до кражба, веднаш ќе можете да го лоцирате велосипедот и да ја известите полицијата.
За останатите функции, Connected Cycle доаѓа со соодветна апликација за мобилните телефони на која што можете да ги следите поминатите километри, брзината на возење, потрошените калории, како и локацијата на велосипедот. Информациите се чуваат и на самата педала, па не мора секогаш да го имате телефонот со вас.
Connected Cycle доаѓа и со вграден GPRS чип, што значи дека педалите имаат и интернет пристап. Корисниците кои што ќе го купат овој производ ќе добијат две години бесплатна претплата за интернет пристапот, по што ќе треба да плаќаат одредена се’ уште не позната сума.
Производот исто така уште нема одредена цена, па останува да се следи кога ќе биде достапен да се види истата.
Извор: The Verge, Engadget, Connected Cycle