Месецот декември од 2014 година беше интересен месец кога станува збор за технолошките компании и новите информации кои излегоа во јавноста за нивните нарушувања на приватноста на корисниците. Се чини долго ќе читаме за откритијата на Сноуден; секој месец излегува по некоја новина за шпионирачките практики на НСА, што се прашувам дали воопшто некогаш ќе запре оваа лавина на информации. Но НСА не беше единствениот присутен актер на полето на приватност на крајот на годинава. Да се осврнеме на главните номинации во категоријата: Ерозија на приватност.
Што дознавме за Skype
Во документот кој го објави германскиот магазин Дер Шпигел, дел од купиштата на документи обелоденети од Едвард Сноуден, е откриено дека Национална агенција за безбедност (NSA) имала (и веројатно уште има) целосен пристап до гласовните, видео, текст пораките и датотеките споделени од одредени корисници на Skype. Агенцијата ги откривала корисниците преку нивните кориснички имиња, a пристапот бил овозможен со дозвола од Надзорниот суд за надворешно разузнавање (FISA) како дел од програмата ПРИЗМА со што било аминувано “континуирано собирање на податоци од Skype” во реално време.
Microsoft повеќе пати велеа дека никогаш не и помогнале на НСА да ги шпионира нивните корисници:
“Ние нема да им обезбедиме на владите директен или непречен пристап до податоците за клиентите или клучеви за декриптирање” изјавија од Microsoft по обвинувањата дека навистина соработуваат со разузнавачките служби на САД.
Сепак, овој документ го покажува токму спротивното: Microsoft бил длабоко инволвиран во оваа програма за шпионирање, дотаму што самите им понудиле на Владата на САД клучеви за дешифрирање на нивниот комуникациски сообраќај. Веќе е добро познато дека и Google и Microsoft и други технолошки големци биле добро свесни за постоењето на ПРИЗМА, па сега само останува да правиме ретроспектива на нивното лицемерие.
Snapchat ги лажел корисниците?
Случајот со Snapchat вклучува класично изигрување на довербата на корисниците. Федералната комисија за трговија (ФТЦ) му нареди на Snapchat да подлежат на ревизија на нивната програма за приватност од страна на независно тело во текот на наредните 20 години и да не го “презентираат на наведувачки начин … степенот до кој ја одржуваат и заштитуваат приватноста, безбедноста или доверливоста на сите опфатени информации.”
Наредбата е резултат на жалбата од Мај минатата година поднесена поради прекршување на ветувањето од страна на Snapchat дека пораките кои корисниците ги праќаат користејќи ја нивната апликација навистина “исчезнуваат”, што е практично нивниот niche на пазарот. Беше откриено дека ова едноставно не е точно, бидејќи постојат повеќе начини со кои може да се вратат, зачуваат или на друг начин преземат слики или пораки за кои корисниците верувале дека биле засекогаш отстранети. Snapchat за влакно одбегнаа парична казна, па ќе видиме како во иднина ќе постапуваат со податоците на своите корисници.
Facebook го скенирал нашиот инбокс
Окружниот суд на САД во Калифорнија донесе одлука со која тужбата против неовластеното скенирање на директни пораки од страна на Facebook може да продолжи. Наводно, Facebook ги скенирал пораките во кои биле испратени линкови помеѓу корисниците во директна порака. Потоа, Фејсбук ги вбројувал тие линкови како посебни „лајкови“ на конкретниот корисник кој го испратил линкот, за конечно да може да му праќа прецизни реклами на истиот тој корисник, како и на неговиот „пријател“.
Facebook пак, тврди дека мора да ја набљудува содржината на пораките со цел да може соодветно да ги испорача пораките и дека скенирањето на содржините на директните пораки биле дел од нивната редовна деловна практика (што искрено не им оди во полза како аргумент) и поради тоа се изземени од законска одговорност. Од Facebook тврдат дека тие тоа престанале да го практикуваат уште од 2012 година.
Сепак, Судот се осврна на нејасниот жаргон во документот на Facebook за „Условите на користење (Terms of Use) – за кој што е утврдено дека речиси никој не го чита – при што заклучил дека јазикот е така нејасно формулиран од причина што на тој начин се добива поголем имунитет од законска одговорност “Од [Документот] не може да се утврди дека корисниците се согласиле на скенирање на нивните пораки за рекламни цели, а всушност, никаде не се ни напоменува терминот “порака”. Од тие причини, корисниците можеле и требало да очекуваат дека нивните приватни пораки се навистина приватни. Само уште една причина за компаниите сериозно да ги ревидираат нивните документи за приватност и користење што де факто претставуваат договор со корисниците.
Но сето ова добро го знаевме нели? Да се помисли дека со експоненцијалниот напредок на технологијата ќе останеме апсолутно безбедни во нашата онлајн интеракција е по малку наивно. Технологијата е истовремено најхуманитарниот изум на современата цивилизација и најголемата алатка за шпионирање и инвазија на нашата приватност. Која страна ќе натежне, само иднината ќе покаже.
Фото: Stuart Miles / freedigitalphotos.net