Archos е француски производител на аудио и видео опрема кој што во последните години им стана најмногу познат на корисниците по нивните евтини Android телефони и таблет компјутери. Производите на Archos можат да се најдат и во нашата држава, па сигурно и некој од вас е корисник на некој од нив.
Оваа недела Archos претставија нов производ со кој што влегуваат во пазарот на виртуелната реалност. Сепак тоа така изгледа на прв поглед, но сепак овој производ нема баш да конкурира со познатите Oculus VR и слични.
Archos VR е уред кој што го поставувате на вашата глава, како и другите вакви производи. Меѓутоа тој не вклучува посебен хардвер, па во основа служи за држење на мобилен телефон пред вашите очи. Потоа, со користење на апликации кои што се наменети за виртуелна реалност, можете да гледате филмови, да играте игри и слични активности.
За искуството да биде најдобро од компанијата истакнуваат дека се препорачува користење на мобилен телефон со екран од најмалку 5 инчи, додека уредот поддржува до 6 инчен уред. Исто така се препорачува мобилниот телефон да работи на четири јадрен процесор. Archos VR ќе поддржува мобилни телефони од Android, iOS и Windows Phone, што не е чудно со оглед на тоа што се што треба е да го држи уредот пред вашите очи.
Сепак колку и да изгледа чуден овој производ во споредба со сериозните како Project Morpheus од Sony, кога ќе се земе во предвид неговата цена, работите стануваат појасни. Archos VR ќе се продава по цена од 29,99 долари и може да им биде интересен на корисниците кои што би сакале да добијат претстава какво би било искуството на поголемите уреди за многу мала цена.
Извор: Archos, Liliputing