Повеќе пракса отколку теоретска настава, поддршка од државата за обуки и развој на вештини на младите и развој на образовен систем кој ќе продуцира кадри според потребите на пазарот, како и поттик за развој на поширок спектар професии со кои вработувањето ќе биде загарантирано  – ова се само дел од решенијата за тоа како професиите на иднината да се прилагодат и да бидат од интерес и на младите и на работодавачите. Во рамки на дебатата во организација на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи, (ИДУЕП) насловена „Што сакаат младите – Професиите на иднината бараат знаења и вештини денес“ младински, претставници на бизнис заедницата и граѓанскиот сектор разговараа за подигање на јавната свест за проблемот со младинска невработеност и како со конкретни предлози да се влијае врз креаторите на политики.

„Целта на овие настани е да најдеме начини со кои ќе ги мотивираме младите да останат во земјава, да најдат работа по мерка или да отворат свои компании и да создадат нови типови на работни места, адаптирани на дигиталното време. Мора да се разговара отворено во македонското општество, директно да се каже кои се професиите на иднината, како и што бараат младите од една, а што очекуваат бизнисите од друга страна. Само на ваков начин може да се направи синергија и долго посакуваната поврзаност на двете страни на пазарот на трудот. Во втората фаза, планираме да ги вклучиме и креаторите на политики на централно и локално ниво, а целта на дебатите и проектот е до крајот на оваа година да извлечеме препораки кои ќе ги доставиме општествено-политичките чинители, бизнис заедницата и младински организации“, изјави Бојан Кордалов, комуниколог и претседател на ИДУЕП.

Претседателот на Младинскиот сојуз, Методија Стојчески посочи дека младите бараат флексибилно работно време, можности за онлајн или работа од далечина, како и очекувањата за висока плата и примања.

„Еден од проблемите е во тоа што можеби недоволно се цена т.н. секојдневни или основни професии на кои е неопходно да им се врати дигнитетот и почитта. Тоа се професиите како механичари, заварувачи, пекари итн., односно професиите кои во моментот ги нема во државата“, рече Стојчески.

Според официјалната статистика, во земјава се бележи висок процент на младинска невработеност, а дел од компаниите велат дека има недостаток на кадри. Каде е јазот меѓу перцепцијата и бројките? И младите и граѓанските организации, но и бизнис секторот се согласни дека проблемот е во недостаток на пракса, како и дека треба да се вложува во конкретна обука и соодветно образование на младите за да се креираат профили според потребите на пазарот на трудот.

Целосно видео од настанот е достапно на следниот линк: https://fb.watch/e52hzvKpep/

Бизнис заедницата вели дека недостасуваат кадри со практично знаење и сметаат дека државата треба да им даде поддршка во обука на новите млади кадри.

„Студентите немаат практично туку само теоретско знаење. До сега за секој вработен млад, истовремено вложуваме и месеци обука за да се научи да работи според правилата за работа во компанијата и секторот. Едноставно имаме недостиг на квалитетен кадар“, вели Иван Иванов, сопственик на ИТ компанија. Тој, како едно од решенијата, предлага државата делумно да ги ослободува од данок компаниите, а истовремено тие средства да бидат наменети за обука за практикантите.

„Проблемот не е во недостиг на работни места туку во недостиг на соодветни кадри поради што мора да се вложува во обука“, смета и Деспина Жупан, која е сопственичка на маркетинг компанија. И таа решението го гледа во поддршка од државата и поволности за компании кои директно инвестираат во обука на вработените.

Стефан Поп Ацев, дел од „Тим 40“ при Стопанската комора на Северна Македонија посочи дека желбата за работа кај младите треба да се развива и гради уште од најрана возраст како заедничка цел и стратегија на сите чинители во општеството.

„Денес, многу често по завршување високо образование, голем дел од младите немаат практичка обука. Предлагам да се разгледаат можности како професорите да ги вклучуваат студентите и да работат заедно со нив на проекти и надвор од факултетот. Така ќе има бенефит и за академската заедница, но и искуство и пракса за студентите, како и побогато си-ви за нивните први вработувања“, истакна Поп Ацев.

Михаил Кирков, претседател на трговска комора при Сојузот на стопански комори смета дека генерално проблемот е и во недостаток на поширок спектар на професии.

„Ги запоставивме малите професии каде што не треба факултетска диплома, но треба искуство, кое ќе ги направи вешти во својата професија и ќе бидат одлични, а така и добро платени. Треба да се поведе сметка за сите професии – не само тие што се модерни и високо платени, туку да се креираат кадри за сите професии“, вели Кирков.

Воведување на концепт на дуално образование и на повисоко ниво според германскиот модел кој е комбинација од теорија и пракса е можно решение на проблемот, посочи Теодора Бошкова од Институтот „Хајделбер“ Скопје. Според неа на овој начин се креираат кадри според потребите на индустријата и пазарот уште од студентско ниво.

Праксата и специјализацијата се најважна алка за успех и мотивација, сметаат младите.

Лука Павиќевиќ, претседател на Сојузот на средношколци вели дека “вештините мора да им бидат пренесени на студентите“.

 „Завршувањето на факултетот не треба да биде првиот критериум за да се најде работа туку практичното знаење. На пример во Англија статистиката покажува дека матурантите од стручните училишта имаат пет пати поголеми примања отколку оние што завршиле факултет. А, кај нас ученици во стручните училишта стравувајќи од тоа дали ќе најдат работа само со завршено средно образование се запишуваат и на факултет и потоа  се случува да не се вработат на соодветното место за кое се специјализирани“ рече Павиќевиќ.

Според граѓанските организации нужен е процесот на континуирано учење и обуки. Билјана Стојчевска од „Младински сојуз Крушево“ вели дека решението е во “стратегија за континуирано учење“, како и дека граѓанскиот сектор исто така има можности преку разни проекти да го надополни јазот што го нуди образовниот систем преку овозможување обуки за развој на вештини.

Бојан Никовски, политиколог, кој во моментов работи во локалната власт смета дека многу е важна и мотивацијата за работа кај младите луѓе. 

„Пазарот самиот по себе е механизам за да ги мотивираме младите да работат. На пример, кога имаме дефицит на некоја професија, самата понудата односно платите природно се зголемуваат. Но, ако немаме млади желни за работа никогаш нема да ги пополниме празнините. И според мене тука е главниот проблем што треба да се реши“, вели Никовски. 

Ова е прва од серијата јавни дебати за тоа какви младински профили му се потребни на пазарот на труд, но и како компаниите да инвестираат во развој на соодветните вештини и знаења на вработените. Дебатите се во рамки на проектот „Што сакаат младите –Професиите на иднината бараат вештини денес“ кој се имплементира од страна на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи. Овој проект е субгрантиран од страна на фондацијата „Ана и Владе Дивац“, Младинскиот сојуз Крушево и 3 партнерски организации од регионот, а финансиран од Европската Унија.

Претходна статијаFIFA ќе ја користи својата нова технологија за полу-автоматско откривање на „офсајд“ на Светското првенство оваа година
Следна статијаНеколку кратенки за тастатурата за побрза работа со Windows 11
0 0 votes
Article Rating
Subscribe
Notify of
guest

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

0 Comments
Inline Feedbacks
View all comments