Веќе подолго време беше познато дека Sony се соочува со сериозни финансиски проблеми, а ова го потврдија и од компанијата со денешната објава дека очекуваат фискалната година да ја завршат со нето загуба од преку 1 милијарда долари. Загубата во главно се должи на падот во продажбите на компјутери и телевизори забележан во последните три години.
Откако пропаднаа последните обиди да се врати профитабилноста кај овие две дивизии, од Sony денес најавија продажба на бизнисот со компјутери (познат под брендот VAIO) и реструктуирање на бизнисот со телевизори. Ова ќе резултира со укинување на околу 5.000 работни места до крајот на годината.
Новиот сопственик на бизнисот со компјутери ќе биде JIP (Japan Industrial Partners) групацијата, а продажбата се очекува да биде финализирана до крајот на март, веднаш по претставувањето на последната VAIO серија од страна на Sony. Финансиските детали околу продажбата не се познати.
Japan Industrial Partners ќе продолжат да го користат VAIO брендот преку своја новоформирана компанија, меѓутоа продажбите иницијално ќе бидат ограничени само на домашниот пазар. Ова ќе значи привремено згаснување на познатиот бренд, кој во последниве 18 години беше константно присутен на глобалната сцена.
По продажбата на VAIO, Sony своите напори ќе ги насочи кон зајакнување на бизнисот со паметни телефони и таблети, а средствата од продажбата ќе бидат наменети за реструктуирањето на бизнисот со телевизори кое се очекува да ја чини компанијата околу 900 милиони долари во текот на наредните две години.