Хипотезата на антички астронаути денес се отфрла како валидна теза за настанокот на животот на Земјата. На кратко, таа нуди претпоставка дека интелигентни вонземски битија дошле на Земјата и го имаат „зачнато“ животот тука бидејќи условите на почетокот од настанувањето на Земјата не биле баш погодни за настанување на органски соединенија и почетни видови на живи суштества. Но изгледа дека една слична претпоставка нема да може така лесно да се отфрли, а таа е дека можеби првичните видови на органски соединенија биле донесени на Земјата по удар на некоја комета или друго вселенско тело.
Имено, Филе, модулот од Розета леталото кое слета на кометата 67П/Чурјумов-Герасименко, пред да му се потроши енергијата направи испитувања на површината и од испратените податоци се гледа дека дошол во допир со органски соединенија. Инаку, сложените органските соединенија (како аминокиселините) се базираат на јаглеродни атоми и се основата за градењето на живите суштества на Земјата, а веројатно и во вселената.
Ваквото прибирање на примероци било остварено со COSAC (Cometary Sampling and Composition Experiment) инструментот на Филе. Сега останува научниците од Европската вселенска агенција да направат дополнително проучување на податоците кои ги испрати Филе со цел да се утврди од каков вид се јаглеродните соединенија кои се најдени на површината на кометата и дали наликуваат на тие што се наоѓаат во живите суштества на Земјата.
Со оглед на тоа што условите на примордијалната Земја не биле баш поволни за развивање на вакви соединенија изгледа можна опцијата некое вселенско тело да ја има „оплодено“ Земјата и така да има започнато циклусот на жив свет. Тоа истото би претпоставило дека има убави шанси да се развие жив свет и на некое друго вселенско тело слично на Земјата, што би било навистина интересно да се открие во иднината.
Извор: IFScience