Ко-основачот на познатиот и одличен бренд OnePlus, Карл Пеи, при крајот на минатиот месец најави дека отвора нова компанија лоцирана во Лондон со името „Nothing“. Најавата може да се каже дека беше до некаде мистериозна, со оглед на тоа што не се кажа што точно ќе работи, а очекувањата треба да бидат големи.
Nothing овој месец го најави својот прв производ и можеме да кажеме дека очекувано, не гледаме некоја посебна револуција, како што основачот би сакал да гледаме на производите од неговата компанија. Производот кој е сега само најавен и за кого нема повеќе информации е од аудио категоријата, односно безжични слушалки. Слушалките треба да станат достапни ова лето, па тогаш или нешто порано, ќе можеме да ги очекуваме деталите.
Според нови информации, Nothing има станато сопственик на брендот Essential, заедно со сите негови ознаки, лого и слични поврзани работи. Официјална информација за ова нема, па не е точно познато зошто од Nothing се имаат одлучено на ваков потег и што планираат со овој бренд.
Инаку, Essential исто така беше компанија основана од позната личност, во овој случај креаторот на Android Енду Рубин и оваа компанија требаше да претстави револуционерни производи кои ќе го променат пазарот.
Телефонот од Essential навистина воведе нешто ново, мали рамки и исечок за камерата, но никогаш не успеа да стане популарен на пазарот. Конкуренцијата почна да ги воведува овие карактеристики, па Essential на крајот престана да постои, оставајќи неколку најавени производи да останат непретставени.
Можеби производите на кои имаат работено од Essential се тоа што ги интересира од Nothing, па ќе некои од производите кои ќе бидат претставени ќе бидат доработени верзии од нив. Би било чудно доколку од компанијата сакаат да го вратат брендот на пазарот, но ќе видиме, се е можно.