Елон Маск денеска стана сопственик на 9,2% од акциите на Twitter и со тоа стана најголемиот поединечен акционер во оваа компанија. Оваа позиција, иако далеку од сопственичка, му овозможува доста големо влијание на мрежата која ја критикуваше изминатиот период за непочитување на принципите на слобода на говор.

По купувањето на акциите сега Маск станува дел од одборот на директори на компанијата, со што се остваруваат очекувањата дека тој планира да има влијание во работата на Twitter, а не само да биде обичен акционер.

Мандатот како член на одборот на директори е со времетраење од 2 години, односно ќе заврши во 2024, по што тогаш останува да видиме дали ќе има некакви промени.

Интересно, според договорот за влегување во одборот, Маск се обврзува дека нема да купи повеќе од 14,9% од акциите на компанијата, без разлика дали сам или како дел од група на акционери.

Купувањето на поголем дел од компанијата би можело да се случи дури по истекот на 90 дена од престанокот на неговото учество во одборот на директори во Twitter.

Влезот на Маск во Twitter го потврди и главниот директор на компанијата, Параг Агравал, кој преку објава на Twitter ја истакна возбудата за назначувањето на Маск во нивниот одбор. Тој исто така истакна дека врз основа на разговорите кои ги имале изминатите недели, било заклучено дека ќе донесе голема вредност во компанијата.

Маск се надоврза на оваа објава и најави дека планира воведување на значајни подобрувања на мрежата во месеците што следат.

Од тоа што можеше да се прочита досега, може да се очекува одредена промена во политиката на бришење на објави, како и на други „помалку важни“ функции, како што е можноста за измена на веќе објавените „твитови“.

ИЗВОРAndroid Central
Претходна статијаИзбрани се македонските претставници на Red Bull Paper Wings 2022
Следна статијаДвајца директори дале оставки од своите позиции во новата друштвена мрежа на Доналд Трамп
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.