Фото: Shutterstock.com

Комисијата за енергетика и трговија во Претставничкиот дом од Конгресот на САД, најави дека на 23 март оваа година ќе го испрашува директорот на TikTok, Шоу Зи Чу. Како што може да се претпостави, прашањата ќе бидат поврзани со обвинувањата кон компанијата дека не се грижи за приватноста на своите корисници и дека сите податоци им се достапни на Комунистичката партија на Кина.

Вакви сведочења пред комисии на Конгресот не се ретки изминатите години, па можевме да ги видиме директорите на Meta, односно тогаш Facebook, на Twitter и Google. Целта е да се добијат одредени одговори пред да се донесат одредени закони или законски измени, кои во случајот на TikTok одат во правец на целосна забрана на апликацијата во САД.

„Големите ИТ компании се повеќе стануваат деструктивна сила во американското општество. Комисијата за енергетика и трговија беше во првите редови барајќи од извршните директори на Големите ИТ – од Facebook до Twitter до Google – да одговорат за постапките на нивните компании. Овие напори ќе продолжат со TikTok. TikTok во сопственост на ByteDance свесно и дозволи на Кинеската комунистичка партија да пристапи до американските кориснички податоци. Американците заслужуваат да знаат како овие дејства влијаат на нивната приватност и безбедноста на податоците, како и какви активности презема TikTok за да ги заштити нашите деца од онлајн и офлајн штети. Јасно ја кажавме нашата загриженост со TikTok. Сега е време да се продолжи со напорите на комисијата да ги повика Големите ИТ на одговорност со тоа што ќе го доведе TikTok пред комисијата за да обезбеди целосни и искрени одговори за луѓето“. – истакнаа од Комисијата за енергетика и трговија.

Од TikTok цело време ги негираат обвинувањата кон нивната компанија, па сега ќе имаат и шанса тоа да го направат пред Конгресот на САД. Каков ќе биде резултатот од ова сведочење, ќе видиме за некој месец.

ИЗВОРThe Verge
Претходна статијаЦЕФТА почнува да ги применува преодните правила од 1 февруари 2023 година
Следна статијаЗа само неколку денови – повеќе од 4000 гласачи на Наградите за е-трговија
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.