Министерството за информатичко општество и администрација, денеска, беше домаќин на бизнис делегација од Република Словенија. За време на средбата, министерот Азир Алиу ги истакна проектите и предизвиците со коишто се соочува Република Северна Македонија во сферата на дигитализацијата, информатичката технологија, администрацијата и медиумите.
„Ние, како две држави, веќе соработуваме на разни видови проекти во сферите од интерес. Драго ми е што сум домаќин на делегацијата составена од бизнисмени и ИТ експерти кои ги претставија потенцијалите на Словенија и можностите за соработка со МИОА и други државни институции. Како Министерство имплементираме процеси и стратегии кои веќе ги спроведе Словенија“, рече министерот Алиу.
Според Отмар Зорн, претставник на Делегацијата од Словенија, изразен е сериозен интерес за соработка со институции и компании од Северна Македонија во насока на размена на ИТ решенија, дигитализација, подобрување на административните капацитети и поддршка на проекти поврзани со медиумите.
Делегацијата од Словенија ја претставуваа бизнисмени од компаниите Sfera IT, A-soft company, Actual IT, Interexport и CargoX. На состанокот присуствуваа и претставници на Министерството за здравство, со кое постојат сериозни потенцијали за размена на знаења и ИТ решенија и соработка на разни проекти. Со словенечката делегација присуствуваше и поранешниот министер за образование, наука и спорт Јернеј Пикало, кој го сподели своето искуство во областа на дигитализацијата и јавната администрација, а пред се стратегии за едукација на населението за дигиталната ера.
По овој состанок, делегацијата од Словенија имаше неколку бизнис средби со македонските компании.