WWDC е настан на кој Apple секоја година ги собира дивелоперите, но кој во последно време стана место каде Apple ги претставува и најновите хардверски новитети.

Оваа година WWDC беше особено интересен, бидејќи беа претставени две нови верзии на оперативните системи на Apple, нови iPad Pro таблети, нов, супер моќен iMac „се во едно“ компјутер, нов паметен звучник за домот и освежување на MacBook линијата.

Да почнеме од најновото на софтверската страна. За нашите корисници веројатно поинтересно, претставен беше нов iOS 11 оперативен систем, кој ќе биде достапен како надградба за iPhone 5s или понов, iPad Air и iPad Pro, како и iPad од 5-тата генерација, iPad Mini 2 и дури и iPod Touch од шестата генерација. Оваа надградба донесува многу значителни надградби, како File Manager, подобрен мултитаскинг кај iPad, систем за изменета реалност, нов App Store, плаќање меѓу пријателите со Apple Pay, подобрен Siri и целосно нов Control Center.

Нов оперативен систем ќе добијат и Mac компјутерите. Најновата верзија на macOS се вика High Sierra и донесува неколку подобрувања, како на пример нов Apple File System кој треба да ги подобри целосните перформанси и брзината на компјутерот, но и да ја зголеми безбедноста. Забрзан ќе биде и прелистувачот Safari, а тој исто така ќе добие и технологија со машинско учење, која ќе ги штити корисниците од напади. High Sierra сега има поддршка и за креирање VR содржини.

Најголем новитет на хардверската страна беше новиот 10,5 инчен iPad Pro таблет, кој ќе ги има истите перформанси на поголемиот iPad Pro со 12,9 инчен дисплеј, но во помало пакување. Најголем напредок кај двата модели се дисплејот, кој работи на дури 120 Hz, а има и HDR и True Tone поддршка. Подобрени се и камерите, со цел подобро искористување на можностите за изменета реалност.

Apple овој пат не заборави и на десктоп корисниците. Всушност, за многу креатори новите iMac Pro „се во едно“ компјутери може да се најдоброто решение во моментов. За прв пат во ваков компјутер се вградува Xeon процесор и моќна Radeon графика, што значи дека перформансите ќе бидат исклучително високи, без да има потреба од големо куќиште кое ќе зафаќа простор. Новите iMac Pro компјутери ќе бидат понудени со 21,5 инчен 4K и 27 инчен 5K дисплеј, но ќе имаат и многу висока стартна цена од 4.999 долари.

Освежување добија и MacBook лаптопите, кои конечно имаат Kaby Lake процесори (нешто што веројатно требаше да се случи уште од почетокот), но за многумина веројатно поважно и пониска цена од таа на претходниците.Сепак, MacBook лаптопите не добија други поголеми промени – во глобала се работи за истите модели од претходно, со делумно подобрени перформанси.

На сите овие модели се придружува и новиот Apple HomePod звучник, кој има вграден Siri и можност за „стримање“ музика преку Apple Music, но и особено голем акцент на аудио перформансите, за кои од Apple велат дека се значително подобри од тие на конкуренцијата. Особен придонес во ова имаат 7-те твитери и 4 инчниот бас, но и Apple A8 процесорот, кој овозможува читање на просторот околу звучникот и поставеноста на слушачот, со цел да се постигнат оптимални аудио перформанси.

Сите овие надградби се нешто кое реално и не го очекувавме од Apple, а тоа особено важи за iMac Pro и HomePod звучникот. Со нив, Apple покажува дека е сериозен во борбата на сите полиња на паметната технологија, а не само на пазарот на смартфони со iPhone. Ова е голема вест за светот на технологијата воопшто, бидејќи дефинитивно ќе ги држи будни конкурентите, кои повторно ќе треба значително да поработат на тоа да го стигнат Apple во многу важни сегменти.

Претходна статијаChallenge day можност за освојување на целосна стипендија за следната академска година во SEDC
Следна статијаКомпанијата Еликософт победник на МАСИТ наградите за иновативни ИКТ решенија