Како и скоро секој поголем играч на сцената на паметни уреди и Apple направи свој паметен звучник. Сепак, за разлика од неговите конкуренти, чиј акцент е ставен главно на дигиталните асистенти вградени во нив, тука главниот акцент е ставен на квалитетот на звукот.

Без грижи, Siri е и натаму тука за „секое“ прашање што го имате, а достапен е и сервисот Apple Music за оние кои се претплатени. За жал, засега не е најавена поддршка на други сервиси, како на пример Spotify, но за да успее овој уред се чини дека Apple тоа ќе мора да го направи во иднина. Секако, секогаш може да го поврзете овој звучник со вашиот телефон и да ја пуштите приватната колекција на музика.

HomePod инаку има 7 твитери кружно поставени во него и голем вуфер од 4 инчи кој е поставен нагоре. Благодарение на Apple A8 чипот и вградените сензори, звучникот може да ја „прочита“ просторијата во која се наоѓа и да го промени звукот зависно од поставеноста во неа, односно каде се наоѓа слушачот.

Исто така, доколку поставите уште еден HomePod звучник, двата можат да се поврзат и да го подесат звукот зависно од поставеноста за уште подобро аудиофилско искуство. Неговото поврзување со iPhone е исто така многу лесно – исто како Apple AirPod слушалките, само треба да го доближите телефонот до звучникот.

Цената на Apple HomePod изнесува 349 долари, што е повисоко во однос на скоро сите конкуренти, вклучувајќи ги Amazon Echo, Sonos Play (со Amazon Alexa со поврзување со Echo), Google Home и Harman Kardon Invoke (со Cortana). Сепак, цената може и да е оправдана доколку овој звучник навистина ги задоволи потребите на оние кои бараат поквалитетен звук, но за тоа ќе почекаме до првите рецензии.

Извор: The Verge, 9 to 5 Mac, CNET

Претходна статијаСмартфоните се како слот машини – апликациите се прават на начин да створат зависност
Следна статијаПрва фотографија од Tesla Model Y