Најновиот неделен билтен од Марк Гурман овој пат навлегува во темпото на претставување на нови производи од Apple. Според него, од компанијата ќе почнат полека да се оддалечуваат од стандардното годишно претставување на нови производи, нешто што ќе доведе до почести годишни претставувања, а со тоа и помалку одложувања на одредени нови функции.
Како пример за промените кои постепено ќе се случуваат во Apple се истакнува не претставувањето на Watch Ultra 3 оваа година, па од компанијата се одлучија да додадат само уште една боја кај ланскиот часовник. Доколку одеа со правилото дека секој производ мора да има нова верзија секоја година, Watch Ultra 3 ќе беше многу мала надградба за која сигурно ќе имаше доста критики.
Една од причините зошто од компанијата би почнале да имаат повеќе функционален начин на претставување на нови производи е и одложувањето на Apple Intelligence месец дена подоцна од претставувањето на iPhone 16 серијата. Повеќето функции ќе бидат постепено додадени во месеците што следат, а цело време се добива впечаток дека од компанијата брзаат да ги стигнат другите.
iPhone сигурно ќе остане на досегашната практика, односно ќе биде претставувана нова верзија секоја година, но за останатите производи ова темпо може да биде продолжено и на две години.
Ова на крајот може да биде и добра работа, никогаш како корисници не добиваме ништо добро кога компаниите брзаат да претстават нешто што можеби не е подготвено баш за тој период. Со додавањето на флексибилност кај темпото, производите ќе бидат пуштани тогаш кога се подготвени и кога има доволно новини.
Гурман во билтенот објави и кога се очекува претставувањето на наредните уреди од компанијата. За крајот на овој месец се најавува претставувањето на основен 14 инчен MacBook Pro со М4, 14 и 16 инчни MacBook Pro со М4, нов Mac mini со М4 и М4 Pro, нов iMac со М4, како и нов iPad mini.
За идната година, поточно за првата половина, се најавува претставувањето на 13 и 15 инчни MacBook Air со М4, нов iPhone SE, нови 11 и 13 инчни iPad Air модели, нови Magic тастатури, како и надградени AirTag уреди.