Apple ја најави промената на позицијата на главен оперативен директор, односно COO, во компанијата. Од оваа позиција се повлекува Џеф Вилијамс, а на негово место ќе биде поставен Сабих Кан, кој досега беше виш потпретседател за Оператива.
Вилијамс ќе остане во компанијата до крајот на годината и ќе продолжи да одговара директно на Тим Кук, по што ќе се пензионира, што значи дека ова не е уште една вест за напуштање на Apple.
Тоа што посебно привлекува внимание во инаку обична објава за промена на директори и пензионирање, е најавата дека дизајн тимот од крајот на годината ќе почне да одговара директно на Тим Кук, наместо како досега на главниот оперативен директор.
Apple се познати по значењето и вниманието кое го даваат при дизајнот на нивните производи, а тоа почнува уште од времето на Стив Џобс, односно тоа е една од суштинските работи кои ги разви и остави ко-основачот на компанијата.
Една од најголемите промени кои се случија во Apple беше заминувањето на Џони Ајв, кој стои зад дизајнот на повеќето производи од компанијата и кој својата работа ја започнува уште во времето на Стив Џобс.
Како што е познато, Ајв си замина да ја формира својата Love From дизајн компанија, а сега тој соработува со OpenAI на дизајн на нов производ за кој сѐ уште нема информации.
Ќе видиме дали ќе има некакви промени сега кога дизајнот доаѓа директно под директорот Кук, а веќе читаме и најави дека наскоро и тој ќе се пензионира.