(14.07.2021) Во понеделникот, во рамки на високиот политичкиот форум за одржлив развој, на тема „Одржливо и еластично закрепнување од пандемијата со Ковид-19 што ги промовира економските, социјалните и еколошките димензии на одржливиот развој: градење на инклузивен и ефективен пат за постигнување на 2030 Агендата во контекст на деценијата на дејствување и испорака на одржливиот развој”, се одржа интерактивна панел дискусија на која учествуваше и претседателката на АЕТМ и поранешната министерка за финансии – Д-р. Нина Ангеловска.

Високиот политички форум за одржлив развој (HLPF) кој се одржува од 6 јули до 15 јули 2021 година е организиран од страна на Организацијата на Обединетите нации (ООН). Форумот претставува централен начин на ООН за следење на прогресот на Агендата за одржлив развој и целите за одржливиот развој 2030 година, и има за цел да обезбеди политичко лидерство, насоки и препораки. Форумот, исто така, ја разгледуваа интегрираната и меѓусебно поврзана природа на целите на одржливиот развој. Годинава, учесниците ги истражуваат и различните аспекти на одговорите на Ковид-19 пандемијата и различните мерки и видови на меѓународна соработка во насока на менаџирање со пандемијата и нејзините влијанија и враќање на светот на вистинскиот пат кон постигнување на Целите на одржлив развој до 2030 година.

Ангеловска учествуваше како водечки дискутант на сесијата на тема „Инвестирање во Целите за одржлив развој“ која се одржа во понеделник, 12 јули 2021 година, во виртуелен формат. На сесијата се разговараше за препораки за политики кои можат да катализираат инвестиции во целите на одржлив развој во контекст на предизвиците за одржливост на долгот со кои се соочуваат земјите во развој низ целиот свет.

„Се вели дека Ковид го збриша постигнатиот напредок и нè придвижи назад во многу области. Сепак, дури и пред Ковид, постигнатиот напредок не се случуваше доволно брзо. Доста често го слушаме прашањето „Како да се вратиме на патот?“ иако беше очигледно дека и пред Ковид светот не е на добар пат да ги исполни Целите на одржлив развој до 2030 година. Наместо „Како да се вратиме на патот?“ посоодветно би било прашањето „Како да изградиме нов побрз и попаметен пат што ќе не однесе таму каде што сакаме да бидеме порано?“ затоа што враќањето на претходниот пат не е доволно добро..” истакна Нина Ангеловска.

Како жена амбасадор за е-трговија на УНКТАД, таа се осврна и на улогата на жените во градењето на новата забрзана патека кон кон постигнување на целите за одржлив развој.

“Синергијата на жените и дигитализацијата можат да одиграат клучна улога во создавање на новиот подобар пат. Не можеме да зборуваме за забрзан прогрес без поголема вклученост на жените и искористување на нивниот потенцијал во пост ковид дигиталниот свет. Дигитализацијата можеби не е волшебно стапче, но е најблиску до тоа –  таа е клучен овозможувач за креирање на новата брза патека која воедно влијае за намалување на корупцијата, како и зголемување на транспарентноста и одговорноста на владите.” додаде Ангеловска.

Покрај Ангеловска, на сесијата учествуваа и г-дин Џејсон Росарио Браганза, извршен директор на Африканскиот форум и мрежа за долг и развој (AFRODAD – Група за финансирање на граѓанското општество за развој), како и високи претставници од економската комисија за Латинска Америка, високи претставници од банкарскиот сектор – JP Morgan и African Export-Import Bank, како и висок претставник од Peter G. Peterson Институтот за интернационална економија.

Повеќе детали за панел дискусијата можат да се погледнат на следниот линк, додека пак комплетната програма и концептот за Високиот политички форум за одржлив развој 2021 се достапни на веб-страницата HLPF 2021: https://sustainabledevelopment.un.org/hlpf/2021#programme.

Претходна статијаAndroid 12 ќе овозможи играње на игрите додека тие уште се симнуваат од Play Store
Следна статијаApple ќе претстави редизајниран iPad mini оваа есен