Пивото е одличен пијалок кој многу луѓе го консумираат во разни ситуации, како на пример за време на спортски натпревар, после рекреативно играње фудбал, навечер во дискотека и така натаму. Иако е многу привлечно за пиење, често по консумирањето неизбежна е главоболката, несоницата и мамурлакот. Особено ако се направи ваква „грешка“, а утредента сте на работа, тоа знае да биде големо измачување.
Ова се случува бидејќи пивото, бидувајќи мешавина од алкохол, вода и извадок од хмељ и јачмен, стимулира зголемено лачење на урина (што ни е добро познато). Исфрлањето на урината предизвикува намалување на концентрацијата на електролитите во телото и намалување на водата, што пак на крајот предизвикува мамурлак и неспособност за концентрација.
Затоа сега научниците од Здравствениот институт на Грифит Универзитетот создадоа пиво кое не предизвикува мамурлак или барем го намалува. Тие ова го постигнале со додавање на електролити во пивото кои се губат при мокрење. Потоа го дале новиот вид на пиво на контролна група која го пиела после интензивен тренинг. Резултатите биле одлични: лесното („лајт“) пиво било 3 пати повеќе освежувачко од стандардното пиво (по количество на задржана вода во организмот) и не предизвикувало мамурлак. Сепак, тие откриле дека ваквиот принцип работи само за пива кои имаат мало количество на алкохол.
Бен Десбро, еден од научниците во експериментот, изјави: „Знаеме дека пивото е многу популарен пијалок кај луѓето, особено после спорт или напор. Од наша перспектива, тука се работи за минимизирање на штетата при што може да им се дозволи на луѓето да пијат пиво, но да се намалат ризиците поврзани со употреба на алкохол – и со надеж да се подобри потенцијалот за хидратација“.
Сепак тие не препорачуваат после интензивна физичка активност да се консумира пиво или друг алкохолен пијалок бидејќи тогаш има поголем потенцијал да предизвика штета и проблеми на организмот. Во секој случај ова се одлични вести за оние кои уживаат во пиво, а не сакаат главоболка следниот ден.
Извор: IFLScience, Nature World News