image-01

Во својот текст „50 начини како да се хакира Левијатанот“, извонредниот секогаш позитивен Џефри Такер објаснува како технологијата создава слободарски оази на луѓето избегнувајќи ги бариерите на политичарите, бирократите и државата. Тој објаснува како секојдневно се случува овој феномен, а ние не ја забележуваме големата слика:

…овој феномен на мали чекори на излегување од системот и рушејќи го од надвор – познат во поп културата како „breaking bad” – станува навистина интересен.

Земете ја на пример поштата. Не е сеуште приватизирана [јас би го искористил терминот денационализирана и вратена во рацете на народот преку ваучерска приватизација: м.з.]. Едноставно постепено станува се помалку корисна благодарение на е-поштата, смс-пораките и илјадници други начини на кои се врши модерната комуникација. Поштата може ќе остане со нас уште десетина години, плус минус, но е еден вид на зомби. Избројани и се деновите.

Ова е архетип. Државата не успева да нуди конкурентни услуги. Пазарите настапија на сцена нудејќи производи и услуги кои водат кон покомотно живеење, намалувајќи ја улогата и значењето на јавните политики. Секогаш кога Државата затвора една врата, една „дупка во законот“, луѓето наоѓаат и користат две врати, две нови „дупки“. Државата станува се повеќе и повеќе излишна за нашето секојдневно живеење.

Потоа Такер објаснува цели 50 начини како да го користиме феноменот breaking bad, од користење на Uber и AirBnB, преку Tor, Bitcoin и BitMessage, па се до старт-ап градови и „народно финансирање“. Наведувајќи ги сите овие breaking bad методи, Такер заклучува:

Во споредба со политиката или пак бавниот пад на масовна ре-едукација, хакирањето на Левијатанот преку иновација е ветувачки пат. Ова е нешто како сингалурарност за граѓанска непослушност.

Лично се согласувам со Такер, но би додал дека ни е неопходна политичко-граѓанска струја која ќе го направи Левијатанот потолерантен кон иновациите и технологијата (моментално, не гледам таква со исклучок на „пиратските“ и либертаријанските партии и организации кои недостасуваат во Македонија како чист воздух што му фали на Аеродром, Тетово и Битола).

Како и да е, на 50-те breaking bad методи кои ги образложува Такер, би додал две идеи кои не се во насока на заобиколување на Државата и нејзините правила, туку во насока на радикално менување на нејзиниот лик и начин на функционирање.

  1. Директна демократија. Во Ерата на Интернетот кога трошоците за инстант-комуникација и поврзаност помеѓу луѓето се минимални и постојано се намалуваат, Парламентот станува рецидив на пред-Интернет времето. Имено, која е потребата од „претставници“ на народот, кога едноставно можеме да воспоставиме интернет форум во кој право на учество ќе има секој полнолетен македонски граѓанин каде што ќе се застапува самиот?! Се разбира, деталите од функционирањето на овој Форум ќе се разработат дополнително, но помеѓу младите оваа идеја е се популарна и особено се дискутира активно во либертаријанските кругови (како и помеѓу некои од интелектуалците од радикалната левица). На крај, ако не ова, зарем не може да им ги минимизираме трошоците на парламентарците за службени патувања, во времето кога имаат Скајп, Фејсбук и други бесплатни алатки за комуникација со народот?!
  2. Радикална транспарентност. Ова мислам дека е особено важно со сите скандали со НСА (а којзнај што се случува со тајните служби во земји во кои нема силна демократска контрола на истите), но и со идејата дека државните службеници и политичарите работат за народот. Народот има право да знае што му се случува со институциите, а не немо да гледа што ќе му прикажат мејнстрим медиумите, многу често во сопственост на политичари и/или олигарси. Со напредокот на технологијата, народот може лесно да се заштити од сите политичари со примена на радикална транспарентност на институциите кои ги плаќа да му служат. Камери за сите државни институции со in live пренос директно на интернет канал до кој ќе имаат пристап сите граѓани (се разбира, со цел да можат ДБК, МВР и Јавното обвинителство да си ја вршат работата непречено, можеби кај нив би било посоодветно да се постават камери на самите вработени и снимениот материјал директно да се пренесува на надворешен заштитен сервер/cloud до кој би имале граѓаните одложен пристап, од месец два). Секој „дил“ склучен надвор од очите на народот, автоматски би се сметал за корупција и/или злоупотреба на службената должност. Зарем не е време помалиот брат да почне да го гледа поголемиот?!

Извор на слика: http://feral-tech.blogspot.com/2011/12/drones-feral-technology-and-freedpm.html

Претходна статијаRaspberry Pi 2 – Најевтиниот компјутер на светот стана многу помоќен
Следна статијаНаучниците создадоа пиво кое не предизвикува мамурлак