Најдобриот документарец што го имам гледано. Овогодинешниот добитник на Оскар за најдобар документарец е My Octopus Teacher. Приказната го следи невообичаеното пријателство помеѓу еден човек и октопод кој живее во водите на океанот во Јужна Африка. Пливајќи низ тие води, Крег Фостер случајно наидува на ова срамежливо суштество кое прво се плаши од „натрапникот“, ама набргу се навикнува на неговото присуство и дури се радува секој пат кога ќе го види (претпоставката е дека се радува, не можеш да знаеш со овие животни). Приказната го следи речиси цел животен век на октоподот (нешто околу една година) во кој Крег се повеќе се зближува со неговиот нов пријател и сведочи како тој преживува под закана на ајкули и други предатори.

Гледајќи го документарецов, сигурно ќе научиш нешто повеќе за октоподите. Како се мајстори за преживување и приспособување на околината и дека можат да се однесуваат како миленичиња кога ќе им се создаде пријатна околина. Во неколку сцени не ми се веруваше што гледам. Еднаш беше качен на грбот на ајкула, во друга сцена си одмараше на стомакот на Крег. Филмов ќе те натера да се радуваш и да плачеш. Едноставно станува збор за ремек дело. Музиката е на исто толку добро ниво.

Map of Reddit. За оние што сакаат да дремат на Редит, ова е богатство. Мапа на саб-редитс, од СИТЕ области на кои можеш да помислиш. Кога ќе кликнеш на една, ти се отвораат стотици други сродни саб-редитс. Можеш и да пребаруваш по зборови, како сакаш. Страшно е да се помисли колку време можеш да поминеш само листајќи ги мапиве.

Арнолд Шварценегер сака да ти праќа мејлови. Секогаш кога нешто ново вади овој човек, вреди да се погледне. Сега направил мејлинг листа и на своите претплатници од време на време им праќа долги мејлови (овде види каква содржина можеш да очекуваш). Има смешки, анегдоти од неговото минато, како и совети за живеење (нема многу луѓе на планетава од кои можеш повеќе да се инспирираш).

Претходна статијаМакпетрол Инфо Поинт: Германскиот автомото сојуз АДАК бара зголемување на процентот на етанол во бензинот
Следна статија11 проектни тимови се дел од првиот Хакатон “Е-Здравство” на ФИТР и Рош Македонија