Преку информација до која имаат дојдено од The Wall Street Journal, се дознава дека Google повторно сакаат да влезат на пазарот на стриминг на игри, овој пат преку нивниот YouTube сервис.
Според информациите, новиот сервис е наречен YouTube Playables и моментално се тестира внатре во компанијата и на вработените им е достапна само една игра.
Не е познато дали се планира овозможување на игри какви што требаше да бидат достапни преку сега откажаниот Stadia сервис или сепак од компанијата планираат понуда на поедноставни игри кои и така се замислени да се играат онлајн.
Додавањето на игри на сервис за стриминг на видео содржина можеби делува како непотребно, но истото веќе го направија и Netflix кои веќе купија неколку „гејминг“ студија, а создадоа и сопствено.
Google се познати по големиот број на проекти кои ги започнуваат внатре во компанијата, како и по нивното откажување подоцна. Поради тоа не е познато дали информацијата која е добиена неофицијално е само од некој проект со кој од компанијата си „играат“ или е нешто што сепак сериозно го планираат.